Почнаа да ѝ прават анализи на крвта, ни кажаа да седиме додека резултатите не бидат готови. После првата инфузија, шеќерот во крвта се покачи на 19 единици. Ќе ѝ ставаа втора инфузија, но не успеаја, девојчето почна да се губи
По информацијата дека во битолската болница починало шестгодишно девојче кое било примено со симптоми на настинка, се огласи таткото кој обвинува дека на малата Јана, на покачен шеќер во крвта со вредност 9, ѝ дале гликоза во инфузија, по што шеќерот се покачил на 19.
„Пред три дена девојчето крена температура 37,7, ѝ дадовме сируп, ѝ спадна и вечерта немаше ништо. Вчера сабајлето ја однесовме во болница бидејќи вечерта ѝ се слоши и поврати. Пред да одиме на лекар ја болеа мускулите. При првиот преглед на крвта, шеќерот и беше 9, ѝ кажавме на докторката дека е дехидрирана, дури и не можеа ни крв да ѝ земат. По овој резултат докторката ѝ даде инфузија со гликоза, а на сопругата ѝ кажа дека шеќерот е покачен заради повраќањето. Почнаа да ѝ прават анализи на крвта, ни кажаа да седиме додека резултатите не бидат готови. После првата инфузија, шеќерот во крвта се покачи на 19 единици. Ќе ѝ ставаа втора инфузија, но не успеаја, девојчето почна да се губи“,
раскажува таткото Стојче Христовски за „Зелена берза“.
По ова, лекарите кратко успеале да ја стабилизираат со инсулин, но девојчето повторно се изгубило, по што итно било однесено на Интензивна од каде што им јавиле дека нивната ќерка е почината, додава таткото.
Директорот на битолската клиничка болница, Александар Обедниковски, ја потврди информацијата и информира дека во тек е обдукција за да се утврдат причините за смртта на девојчето.
Семејството Христовски ги чека резултатите од обдукцијата по што ќе знаат како ќе постапат понатаму, дали ќе бараат одговорност за лекарска грешка.