Судот испратил покана до Јакимовски дека денеска треба да се појави во Судот, но не испратил наредба до полициската станица за спровод на обвинетиот
Судењето ќе почне утре, за кога, покрај воведни зборови, судијата Илија Трпков најави и двајца сведоци – „свиркачите“ Ѕвонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски

Почетокот на новиот судски процес за случајот „Таргет-Тврдина“ се одложи бидејќи во судницата не беше присутен обвинетиот Тони Јакимовски. Тој требаше да биде спроведен од Охрид каде што издржува мерка куќен притвор за случајот „Спец-каса“. Сепак, и по еден час чекање да се појави обвинетиот, тоа не се случи.
Судијата Илија Трпков, кому му е доделено водењето на новиот судски процес, откако го утврди присуството на другите обвинети меѓу кои се ексшефот на УБК, Сашо Мијалков и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, даде пет минути пауза за да се консултира што се случува со спроводот на Јакимовски од Охрид.
По паузата, тој соопшти дека е направен пропуст од страна на Судот. Имено како што рече, а и според дополнителните консултации на новинарите со службата за односи со јавност на Основниот кривичен суд Скопје, Судот испратил покана до Јакимовски дека денеска треба да се појави во Судот, но не испратил наредба до полициската станица за спровод на обвинетиот.
По ова, судијата Трпков констатира дека не се исполнети условите за одржување на главната расправа и соопшти дека судењето ќе почне утре, за кога, покрај воведни зборови, најави и двајца сведоци – „свиркачите“ Ѕвонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски.
Од одбраната на дел од обвинетите, пак, побараа прво да се изведат материјални докази, а потоа да се испрашуваат сведоци.
„Поцелисходно е да се изведат прво материјалните докази поради тоа што одбраната сака да им предочи дел од материјалните докази на сведоците. Во спротивно, ќе биде ускратрно правото на одбрана“,
рече адвокатот Петар Василев.
На неговото барање судијата одговори дека ќе му биде дозволено да ги предочи доказите во текот на распитот на сведоците.
Инаку, застапници на обвинителниот акт се обвинителите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Трајче Пеливанов и Артан Ајро, кој е на местото на обвинителката Ленче Ристоска, која заедно со Пеливанов го застапуваа предметот во првото судење пред Основниот кривичен суд Скопје. Ристоска во моментот е на породилно отсуство поради што на нејзино место е нејзиниот колега Артан Ајро.
Судењето за случајот „Таргет-Тврдина“ се врати од почеток откако на 16 декември минатата година Апелацискиот суд Скопје соопшти дека ја укинува првостепената пресуда, со која поранешниот директор на Управата за безбедноста контраразузнавање Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затворска казна.
Одлуката на Апелација предизвика бура реакции во јавноста поради што второстепениот суд во неколку наврати преку пишани соопштенија се произнесуваше во врска со одлуката што ја донел.
Апелацискиот суд Скопје на 16 декември соопшти дека ги уважил жалбите на седуммина обвинети во случајот, односно на сите осудени на затворски казни, со исклучок на Владимир Варелов кој доби условна казна од две години.
Петчлениот совет на второстепениот суд кој одлучи да ја укине пресудата и да го врати предметот на повторно судење беше на чело со судијата Јани Нича. Судија известител беше Енвер Беџети, останатите тројца членови на беа: Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева.
Судиите оценија дека осудителната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје за масовното прислушување и уништување на опремата за следење на комуникациите во случајот „Таргет-Тврдина“ била нејасна, неразбирлива и неподобна за понатамошно испитување.
Во подетално писмено соопштение што Апелација го објави по лавината реакции во јавноста причините за нејзино укинување од Судот ја сумираа во три точки:
- Судиите (од Основниот Кривичен суд Скопје) навеле само за кои кривични дела обвинетите се огласени за виновни и кои казни им се изречени, без да се внесе целосната изрека на пресудата, односно описот на кривичните дела за кои тие се прогласени за виновни, како и фактите и околностите што претставуваат обележја на тие дела.
- Во пресудата од Кривичниот суд има противречности за тоа колку телефонски броеви се следени незаконски односно без судска наредба, како и периодот во кој тоа се случувало
- Не може да се утврди вредноста на опремата за прислушување. Имено според Апелација е спорно што вештакот на Обвинителството ја утврдувал пазарната вредност на опремата по споредба на цени од интернет-страници и компарација на слични или исти делови од машините, иако ваков тип опрема не може да се најде на слободниот пазар туку се купува во договор помеѓу производителот и државата. Исто така, Апелација забележува дека има и контрадикторно вештачење од одбраната, па Кривичен не ги соочил двете туку му поклонил верба само на тоа од Обвинителството.
Сега останува да се види дали враќањето на „Таргет-Тврдина“ на повторно судење ќе значи дека ќе помине уште еден долг период додека се дојде до нова првостепена пресуда. Првиот судски процес започна во декември 2017 година, а пресудата беше донесена по повеќе од три години односно во февруари 2021 година. Одлуката за нејзино укинување од Апелација, пак, беше донесена во декември 2022 година.
Од првото судско рочиште во Кривичен, до неправосилната пресуда, а потоа и до одлуката на Апелација беа потребни пет години.
Застарување на дел од делата, меѓу кои и за ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, ќе има во 2025 година. За да не дојде до застарување, сега целата постапка и пред првостепениот и пред второстепениот суд ќе треба да заврши за помалку од три години, секако доколку и во второто одлучување Апелација не реши повторно да ја укине пресудата.
Мијалков во првиот судски процес пред Основниот кривичен суд Скопје се товареше за три кривични дела за кои доби единствена казна од 12 години затвор: злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и примање награда за противзаконито влијание. Во меѓувреме, едно од делата (примање награда за противзаконито влијание) застари, па сега тој се гони само за останатите две.
Укинувањето на првостепената пресуда беше причина Судскиот совет да го преиспита постапувањето на Апелација во случајот „Таргет-Тврдина“, но и во случаите „Трезор“, „Транспортер“, како и за убиството на полицаецот кај Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во 2008 година, познат како „Алфа“. Заклучокот на Судскиот совет беше дека Апелација неразумно долго ги чувала овие предмети без да наведе причини.
„Таргет-Тврдина“ е главен предмет од аферата за масовното нелегално прислушување, а со првостепената пресуда од февруари 2021 година, покрај Мијалков, на затворска казна од четири години беше осудена поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Највисоки казни од по 15 години затвор добија двајцата избегани контраразузнавачи од т.н. Петта управа на тогашната УБК, Никола Бошковски и Горан Грујовски.
Во случајот беа обвинети вкупно 11 лица. Според првостепената пресуда што Апелација ја укина, тие беа осудени на вкупно 55 години затвор и 10 години условен затвор.