Ако биде избран за лидер на партијата, актуелниот градоначалник на Гостивар вели дека нема да има значителни промени во политиките што ги водеше и досега
Вршителот на должност претседател на Алијанса за Албанците (АА), Арбен Таравари, денеска и официјално ја поднесе кандидатурата за претседател на партијата. Рокот истекува вечерва и засега, како што соопшти Сурија Рашиди од АА, актуелниот градоначалник на Гостивар е единствен кандидат.
Тој наведе дека за поднесување на кандидатура биле потребни потписи од 400 партиски потписи, а Таравари собрал 1 865.
Таравари, пак, рече дека поддршка со потпис добил од речиси сите ограноци на партијата и се заблагодари јавно. Се надева дека за околу две недели ќе ја добие и довербата од делегатите на вонредниот конгрес.
„Сакам јавно да им се заблагодарам на членовите и ограноците што ме поддржаа и се надевам дека на 17 декември ќе имам и поддршка од делегатите што ќе учествуваат на вонредниот конгрес на АА што ќе се одржи во Тетово“,
рече Таравари.
Доколку стане претседател на АА, тој не најавува промени во политиките. Рече дека ќе работи по програмата и заложбите што биле дел од она што го ветувале пред последните парламентарни избори.
„Горе-долу, политиките на АА ќе останат исти. Тоа сум го кажал неколкупати, ние сме во комплетна реорганизација на партијата, работиме нонстоп на терен, ќе бидеме конструктивна опозиција како што бевме досега. Ќе видиме како ќе ги продолжиме работите, меѓутоа во нашата програма која е последна од 2020 година, што беше изборна за парламентарните избори, тие се политиките на АА, не се очекува нешто во политиките да се смени“,
рече Таравари.
Околу евентуалниот влез во Владата, пак, тврди дека засега нема никакви преговори и порача дека независно од тоа дали АА ќе биде власт или опозиција ќе ги поддржи уставните измени за вметнување на Бугарите во Преамбулата од Уставот, а очекува и поддршка за промена на одредбата „20 проценти“ со „албански јазик“.
Таравари од септември годинава и в.д. претседател на АА откако Зијадин Села си поднесе оставка од лидерската функција по лошите резултати на предвремените избори за советници во Општина Тетово.
Таравари претходно беше генерален секретар на Алијанса за Албанците, а во мај 2022 беше назначен на функцијата потпретседател.