Арбен Таравари е избран за в.д. претседател на Алијансата за Албанците (АА) на денешното Централно собрание на партијата што се одржува во Скопје. Ова беше соопштено и на Фејсбук-страницата на партијата. Таравари е актуелен градоначалник на Општина Гостивар и потпретседател на Алијансата.
Тој е избран на оваа функција откако досегашниот претседател на партијата, Зијадин Села, си поднесе оставка по лошите резултати на предвремените избори за советници во Општина Тетово.
Села, пред почетокот на партиското Централното собрание, изјави дека неговото повлекување од лидерската позиција во партијата не значи и повлекување од политиката.
„Би било неблагодарно од моја страна да се повлечам од политиката имајќи предвид дека имам поддржувачи кои стојат зад мене и зад партијата. Јас ќе бидам внатре во политиката, активен во политиката и ќе бидам таму каде што структурата на АА ќе побара, таму каде што и новиот претседател на АА ќе побара да сум“,
рече Села.