Таравари изрази уверување дека сите албански партии ги поддржуваат уставните измени и оти никој од нив не би гласал против
Министерот за здравство Арбен Таравари е оптимист дека државата ќе ги продолжи преговорите со Европската Унија, за што очекува поддршка од опозицијата бидејќи, како што нагласи, владејачкото мнозинство е проевропски ориентирано.
„Јас сум оптимист дека ќе имаме меѓусебна соработка и знам дека владејачкото мнозинство е проевропски ориентирано. Тоа ме уверува дека наскоро ќе се отпочне со евроинтеграциските процеси“,
изјави Таравари одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на Општата болница во Гостивар.
Таравари изрази уверување дека сите албански партии ги поддржуваат уставните измени и оти никој од нив не би гласал против.
„Ако некој гласа против, тогаш тоа ќе биде парадокс. Г. Ахмети од 2002 година ги најавува тие преговори со ЕУ повеќе од две децении. Дури го опишуваше како летање со авион и дека тој лет е неизвесен. Сепак сметам дека наредната 2025 година ќе ги отпочнеме преговорите со ЕУ“,
рече Таравари.
Тој посочи дека актуелното државното раководство е насочено кон евроинтеграциите.
„Ме радува тоа што го слушнав во говорот во обраќањето на претседателката во парламентот, дека Македонија нема друг пат освен европскиот, а истото го повторува и премиерот. Сметам дека премиерот е во право кога бара некаква гаранција од Вашингтон, Брисел и Софија дека ова ќе биде последно условување. За да не ни се случи како во 2018 година кога четири-пет министри се сликаа во авион и најавија отпочнување на преговорите, но настанаа компликации“,
нагласи Таравари.
Владејачката коалиција „Вреди“, во чијшто состав е и партијата на Таравари – Алијанса на Албанците, денеска преку писмено соопштение ја изнесе својата позиција во врска со усвојувањето на уставните измени откако деновиве беше прозвана од опозициската ДУИ оти не го исполнила предизборното ветување за усвојување на измените на Уставот во првите шест месеци од новата влада.
Во соопштението, од коалицијата „Вреди“ посочуваат оти Владата има јасен план, стратегија и акциски чекори кои се преземаат секојдневно, оти е цврсто посветена на европската агенда и дека работи на достоинствено исполнување на условите за динамизирање на процесот кон полноправно членство на земјава во Европската Унија.
Од друга страна, пак, велат оти без пратениците од нивниот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ невозможно е двотретинско мнозинство во Собранието, колку што е потребно за усвојување на измените во Уставот.