За претстојните претседателски избори в година лидерот на Алијанса за Албанците вели дека сè уште не знаат кој ќе бидат кандидатите, иако за актуелниот шеф на држвата Стево Пендаровски вели дека има позитивно мислење и дека според него тој можеби се покажал како еден од подобрите претседатели во последните 30 години
Европската интеграција на Севрена Македонија ќе биде императивот по кој ќе се води Алијанса за Албанците при договарањето на евентуална постизборна владина коалиција со партиите од македонскиот блок, вели лидерот на партијата и актуелен градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари во интервју за „Слободен печат“ на Слободна ТВ.

Прашан дали е можна коалиција на Алијанса со ВМРО-ДПМНЕ доколку ѝ се понудат поголем број на министрески места – на пример шест, Таравари со одговор:
„И 15 министри да понудат ако не одиме по европски пат нема што да бараме таму. Во тој случај може претседателот на Алијанса да си даде оставка да си продолжи партијата меѓутоа не може, зборувам за Алијанса за Албанците да се приклучи на било кој блок којшто ќе ја стагнира државата следните пет до 10 години“,
вели претседателот на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар.
Во врска со претседателските избори и кого би поддржале, лидерот на Алијанса се наврати на изборите за шеф на државата во 2019 година, кога, како што рече, го поддржале независниот кандидат Блерим Река поради симболиката, односно да не речат Албанците дека „немавме шанса да гласаме за кандидат којшто не етнички Албанец“.
За претстојните претседателски избори в година Таравари вели дека за ова прашање зборуваат во телата на партијата.
„Сите опции се можни не исклучувам можност за соработка со било кого, меѓутоа да видиме и да донесеме најмудра одлука“,
вели лидерот на Алијанса за Албанците.
На забелешка и прашање на новинарот дека ако има кандидат етнички Албанец ќе гласаат за него, но на кого би му ја дале поддршката во вториот круг од кандидатите Македонци, Таравари рече дека сè уште не знаат кои ќе бидат кандидатите, иако за актуелниот шеф на држвата Стево Пендаровски вели дека има позитивно мислење.
„Пендаровски се покажа искрено како релативно добар претседател. Јас можеби ќе кажам и меѓу подобрите во последните 30 години во Македонија. Секогаш може подобро, меѓутоа немаше некакви конфликти, некакви проблеми, да завзема страна кон некоја партија. Некако одржуваше индифиренетност. Малку беше амбивалентен, можеше да биде поамбициозен. Сепак мислам дека генерално остава впечаток на позитивна личност“,
вели лидерот на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар.