СЗО претходно соопшти дека не очекува масовна вакцинација против ковид-19 до средината на следната година
Бројот на смртни случаи од новиот коронавирус може да достигне два милиони пред да почне масовна вакцинација, предупредува Светската здравствена организација.
„Бројот на смртни случаи за кои зборувате (два милиона луѓе) не е само можен, но за жал е многу веројатен“,
рече Мајк Рајан, шеф на програмата за итни случаи, на денешниот брифинг на СЗО.
Вкупниот број на смртни случаи од новиот коронавирус веќе се приближува до еден милион со вкупно 990 778 починати лица.
Досега 156 држави се приклучија на глобалнниот план Ковакс, чија цел е да обезбеди фер дистрибуција вакцините против ковид-19. Според овој план, фокусот на првото вакцинирање е на најризичните групи во секоја земја, како што се здравствените работници.
Ковакс има за цел да набави и испорача 2 милијарди дози одобрени вакцини до крајот на 2021 година, но некои земји кои обезбедија сопствени резерви преку билатерални зделки, вклучително и САД, соопштија дека нема да се приклучат.
Светската здравствена организација, на почетокот на овој месец, соопшти дека не очекува масовна вакцинација против ковид-19 до средината на следната година.