Таа кажа дека во периодот 2008-2012 година работела како техничка секретарка во фирмата „Имка инженеринг“ за плата од 25 000 денари и дека поседува стан во Аеродром, а на прашање на обвинителката дали во Катастарот на нејзино име се води и друг недвижен имот, Стојановска одговори: „Да, на ‘Бихаќска’, само по имотен лист“
Татјана Стојановска, секретарката на бизнисменот Александар Ивановски – Алек Теранова, преку која биле купувани двата соседни стана на оној каде што живееше поранешниот премиер Никола Груевски, како и на една од парцелите на Водно, денеска сведочеше на судско рочиште од случајот „Плацови на Водно“, по предлог на обвинителката Лиле Стефанова.
Таа кажа дека во периодот 2008-2012 година работела како техничка секретарка во фирмата „Имка инженеринг“ за плата од 25 000 денари и дека поседува стан во Аеродром, а на прашање на обвинителката дали во Катастарот на нејзино име се води и друг недвижен имот, Стојановска одговори:
„Да, на ‘Бихаќска’, само по имотен лист”.
Таа рече дека станот бил купен во периодот 2008-2009 година, кога директорот Ивановски рекол дека треба да се купи тој стан.
„Тој дојде и кажа дека треба да се купи стан за бившиот премиер Никола Груевски за да не дојдат некои непознати личности за комшии, само да се фигурира како сопственик”,
рече Стојановска.
Купувањето, сведочеше таа, одело преку агенцијата „Асторија“, каде што за купопродажниот договор отишла таа и, како што рече, „човек откај господинот Никола Груевски”. Отишле на нотар и потпишале договор.
Таа на судењето тврдеше дека не дала пари за станот.
„Не ми дадоа клучеви, ниту сум влегла ниту знам како изгледа”,
рече Стојановска.
Нејзиното име рече дека фигурира и како управител на фирмата „ИТК инженеринг“. Според нејзиното сведочење, фирмата била основана во периодот 2008-2009 година за да се учествува на тендер. На име на фирмата, како што кажа секретарката, биле купени земјиште на Водно од 1 200 квадратни метри и уште еден стан на „Бихаќска“ – соседниот на оној што бил купен на нејзино име.
„Парите беа обезбедени од Александар Ивановски преку позајмици од вработени кај нас во фирма”,
рече Стојановска.
И за овој стан таа рече дека ниту имала клуч ниту го користела, а тврдеше дека становите не биле користени ниту од Алек Теранова и неговите фирми.
Во 2018 година, пред бегството на Груевски, рече сведокот, ѝ биле дадени да потпише договори за закуп на становите.
„Во 2018 година, пред да дојде до бегство, Александар Ивановски ми донесе договори да ги потпишам. Алек ми ги донесе потпишани од премиер Никола Груевски за да ги потпишам и јас и да ги вратиме… Беа договори за закуп, дека ќе се реновира во рок од пет години без никаков надоместок”,
сведочеше Стојановска.
Обвинителката Стефанова на крајот од испитувањето ја праша секретарката дали станот на „Бихаќска“, кој е на нејзино име и станот кој е на име на фирмата, се нејзини или на трето лице.
„Не се мои, на трето лице се“,
рече Стојановска.
„Кој ги поседува?”,
потпраша Стефанова.
„Па, Никола Груевски”,
одговори сведокот.
Адвокатот на Груевски, пак, во одбрана на својот клиент прашуваше дали Стојановска некогаш се сретнала со поранешниот премиер или телефонски разговарала со него и дали само може да претпоставува дека становите ги користел Груевски. На овие прашања таа одговори дека никогаш не контактирала со Груевски и дека се согласува дека може да претпостави дека ги користел експремиерот.
Покрај Стојановска, во врска со станот што бил купен преку фирмата „ИТК инженеринг“ сведочеше и неговата прва сопственичка.
Таа кажа дека и нејзиниот сопруг купиле стан од 57 квадратни метри за нивната ќерка, но никогаш не живееле во него. Станува збор за стан кој е „лепенка“ со тој во кој живееше Груевски. Ќерката, според сведокот, само понекогаш седела таму или одела со друштво, а потоа, бидејќи сметале дека е мал, решиле да го продадат.
„Му понудивте ли на Груевски тој да го купи станот?“,
праша обвинителката, а сопственичката одговори дека му го понудиле и на него и на другите соседи.
Таа рече дека лично не се видела со бившиот премиер околу продажбата на станот, туку со сопругот разговарале со блиски луѓе на Груевски.
„Не се видов лично премиерот, со негови луѓе што ги имаше овластено се договоривме за цената на станот”,
рече првичната сопственичка на станот.
На прашање на адвокатот на Груевски, пак, дали е точно дека како купувач на станот се јавува градежна фирма, сведокот одговори дека не знае.
„Има во договорот, таму пишува кој го купил”,
рече првата сопственичка на соседниот стан на Груевски.
На денешното рочиште сведочеше и бизнисменот Илија Гечев од фирмата ИГМ Трејд од Кавадарци, кој кажа дека ексминистерот Миле Јанакиески му нудел локација на Водно од околу 1 200 квадратни метри, близу до резиденцијата каде живее Вилма Трајковска, сопруга на загинатиот претседател Борис Трајковски. За ова потоа, тој имал средба и со тогашниот државен секретар во Министерството за транспорт и врски.
„Го прашав за сопственикот и ми рече дека е од фамилијата на Панделески од Пелистерка. Тоа беше разговорот, после не се интересирав. Цената мислам дека беше околу 1,2-1,3 милиони евра“,
рече Гечев за средбата со тогашниот претставник на Министерството за транспорт и врски.
- „Плацови на Водно“: Јанкулоска сведочеше како донатори давале пари за ВМРО-ДПМНЕ
- Чинговски сведочеше дека како поштар доставувал пакети за ВМРО-ДПМНЕ, се сомнева дека во некои имало и пари
- Протуѓер: Груевски ми спомна дека зел земјиште на Водно од десетина илјади квадрати
- Груевски барал Јанакиески да му предложи архитекти за парцелите на Водно и во Крушево, сведочеше ексминистерот
Во „Плацови на Водно“ Груевски е првообвинет и му се суди во отсуство. Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик односно Груевски.
Покрај Груевски, обвинети се бизнисменот Орце Камчев, неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ.