На прашање на обвинетиот Орце Камчев дали земјиштето што Груевски рекол дека го купил на Водно се наоѓа до куќата на бизнисменот Ристо Гуштеров, Протуѓер рече дека тогаш така сфатил, дека станува збор за имот во близина на тој на бизнисменот
Поранешниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и шеф на кабинет на Никола Груевски, Мартин Протуѓер, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје кажа дека бившиот премиер, во еден разговор, му спомнал дека купил земјиште на Водно од десетина илјади квадратни метри.
Протуѓер, како сведок во „Плацовите на Водно“, прво, раскажуваше дека во партијата работел од 2005 кога станал шеф на кабинет на Груевски и го сметал за близок човек со кого често разговарале за различни теми од секојдневието, па често и за тоа што би правеле откако ќе им завршат функциите во владата, каде би живееле…
„Нему и лекарите поради одредени хронични состојби му препорачуваа да живее на повисоко место. Тој беше некако запнат за локација како Сопиште итн. Сакаше да живее во куќа, постојано кажуваше дека така ќе најде мир и дури еднаш во една прилика се сеќавам дека се врати од гости кај еден поранешен политичар кој живее во огромна куќа, со огромен двор на периферијата од Скопје и раскажуваше импресиониран дека убаво му било средено. Тоа се нормални разговори кои беа како еден вентил од напорното секојдневните, во принцип што би било кога би било”,
рече Протуѓер.
Груевски, сведочеше Протуѓер, за оваа тема околу Сопиште зборувал уште од 2009, а локација таму барал и во 2016. Тоа му паднало чудно, како што рече затоа што експремиерот во меѓувреме спомнал дека купил земјиште на Водно.
„Се сеќавам дека во 2016 додека се уште имавме комуникација, бараше таму локација, но на мене ми беше невообичаено тоа што го разговаравме 2016 од причина што некаде 2011-2012 година тој ми спомна во еден неформален разговор дека земал некое земјиште од десетина илјади квадрати некаде на Водно. За волја на вистината, други детали, што и како се случило не знам, не сме разговарале околу тоа. Ова дотолку повеќе што тој беше таков човек што беше внимателен, претпазлив, резервиран во тоа што го зборува и ако не сака нешто да каже, не го кажува. Јас почитувајќи ја неговата приватност, не го прашував”,
рече Протуѓер.
Груевски, рече сведокот, не му кажал за што му е тоа земјиште.
„Не ми кажа. Јас имајќи ги предвид претходните разговори помислив дека е можеби нешто за живеење, но тој ништо не ми спомна”,
сведочеше Протуѓер.
Тој се потсети дека и во периодот на 2013 повторно разговарале за темата Сопиште, но тогаш Груевски не ја отворил повторно темата дека зел земјиште од 10 000 квадратни метри.
Протуѓер зборуваше и за тоа дека СДСМ како опозиција подоцна излегле со обвинувања дека Груевски си купил земјиште на Водно.
„Подоцна, тогашната опозиција ја отвори таа тема и јас си помислив дека се работи за тоа што еднаш ми го кажа тој, но тогаш кога разговаравме ми рече ‘знаеш нема ништо, ова не е точно, дематирај’. Ние испративме демант и потоа и тој лично сам демантираше”,
рече Протуѓер.
На прашање на обвинетиот Орце Камчев, дали земјиштето кое Груевски рекол дека го купил на Водно, се наоѓа до куќата на бизнисменот Ристо Гуштеров, Протуѓер рече дека во тогаш така сфатил, дека станува збор за имот во близина на тој на бизнисменот.
Претходно на денешното рочиште сведочеа и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и ексдиректорот на Елем, Влатко Чинговски.
- „Плацови на Водно“: Јанкулоска сведочеше како донатори давале пари за ВМРО-ДПМНЕ
- Чинговски сведочеше дека како поштар доставувал пакети за ВМРО-ДПМНЕ, се сомнева дека во некои имало и пари
Во „Плацови на Водно“ Груевски е првообвинет и му се суди во отсуство. Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милиони евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик односно Груевски.
Покрај Груевски обвинети се бизнисменот Орце Камчев, неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ.