Дел од донаторите, како што рече таа, парите му ги давале на тогашниот партиски лидер Груевски
„Тој ги договараше начинот и условите како тоа да се реализира. Се случуваше претседателот на партијата понекогаш да ме повика, да ме извести ‘тој и тој сака да ѝ помогне на партијата со толкав и толкав износ’. Можело да се случи истиот ден да донира или по неколку дена“, рече Јанкулоска во судот
Од затворот „Идризово“ до Основниот кривичен суд во Скопје утрово беше спроведена поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за да сведочи за тоа како се финансирала ВМРО-ДПМНЕ во периодот кога таа извршуваше партиски функции.
Јанкулоска рече дека може да зборува за периодот кога таа била генерален секретар на партијата, од есента 2004 до парламентарните избори 2006 година, па посочи дека ВМРО-ДПМНЕ како опозициска партија тогаш имала тешкотии во финансирањето, со оглед дека тогаш законот не бил како денеска – партиите да добиваат пари од државниот буџет. Дел од донаторите, како што рече таа, парите му ги давале на тогашниот партиски лидер Груевски.
„Во овој период ВМРО-ДПМНЕ за цело време имаше блокирана сметка, меѓутоа тековното работење на партијата, и покрај сите тешкотии, некако функционираше и тоа на база на донации кои на доброволна основа ги даваа физички лица. Во делот на овие донации сакам да истакнам дека, поради фактот што ВМРО-ДПМНЕ беше партија во опозиција, донаторите беа прилично воздржани околу нивните релации со партијата бидејќи не секој сака јавно да биде познато дека е близок до партија во опозиција, а во однос на тоа како функционираше процесор, можам да кажам дека во принцип се случувало лицето да разговара со претседателот на партијата. Претседателот на партијата во тоа време, како и сега, е најголем авторитет, секогаш лицата сакаа да се видат со претседателот. Тој ги договараше начинот и условите како тоа да се реализира. Се случуваше претседателот на партијата понекогаш да ме повика, да ме извести ‘тој и тој сака да ѝ помогне на партијата со толкав и толкав износ’. Можело да се случи истиот ден да донира или по неколку дена”,
рече Јанкулоска.
Јанкулоска потенцира дека тогаш законската регулатива била „полабава“, односно се водела неформална евиденција, а на некои донатори им давале и каса прими.
На прашање на обвинителката дали кога донаторите му ги давале паричните средства на претседателот на партијата Јанкулоска имала евиденција колку пари се дадени од одреден донатор на Никола Груевски, ексминистерката рече дека имала сознанија и евиденција за тоа колку пари ќе ѝ се предадат, а дали се разговарало за повеќе или помалку пари не знае.
Таа сведочеше и дека во нејзината канцеларија во партијата имало два сефа, од кои во едниот се чувале пари за дневно функционирање на партијата.
„Да, имаше два сефа, од кои едниот беше од тие што се големи, масивни, метар-метар и половина високи, и имаше еден мал како каса. Во малиот се чуваа мали износи, тие што се користеа на дневна основа. Другиот, барем додека јас бев на функција, ниту бил отворан ниту сум знаела шифра. Тој малиот беше со шифра и клуч, се отвораше по потреба”,
рече Јанкулоска.
Меѓутоа, на прашање на адвокатот на Груевски таа рече дека тој никогаш не побарал од неа да му даде пари.
Во „Плацови на Водно“ Груевски е првообвинет и му се суди во отсуство. Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милиони евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик односно Груевски.
Покрај Груевски обвинети се бизнисменот Орце Камчев, неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ.