Новинарката Мери Јордановска-Чанчаревиќ и режисерот Игор Иванов денеска беа меѓу сведоците кои како оштетени зборуваа на рочиштето за случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на масовното прислушување во земјава во периодот од 2008 до 2015 година.
Јордановска-Чанчаревиќ рече дека дознала дека е прислушувана кога ѝ била дадена папката со дел од нејзините разговори, на прес-конференција на СДСМ.
„Во папката имаше наведено 10-20 разговори меѓу мене и различни лица. Дел од разговорите беа прераскажани, а дел како дијалог. Тогаш добив сознание дека сум била прислушувана“,
рече новинарката Јордановска-Чанчаревиќ, која уште додаде дека се чувствува како оштетена и ќе бара отштета во граѓанската постапка.
Режисерот Иванов, пак, рече дека е изненаден што денеска е повикан како сведок, со оглед дека од СЈО претходно не му одговориле дали е прислушуван или не. Објаснувајќи ги причините зошто поднел барања за потврди дали е незаконски прислушуван, тој рече дека во тој период (2008-2015) неговото име се појавувал во јавноста во негативен контекст.
„Појавувањето на моето име во јавноста од тогашната власт имаше импликации по мене. Некои луѓе не сакаа да комуницираат преку телефон. Поради ова, побарав да видам дали сум прислушуван“,
рече сведокот Иванов.
Тој истакна дека откако ќе добие потврдата дали е прислушуван ќе се изјасни за отштетата.
Досега во случајот сведочеа над 30 лица кои биле цел на прислушувањето, меѓу нив имаше новинари, уредници, поранешни функционери и др.
Следното рочиште за овој предмет е закажано за 8 октомври.
- „Поздрав до третиот во разговорот“ – новинари и уредници сведочеа за масовното прислушување
- Со прислушувањето можеби им е нанесена штета на клиенти на Комерцијална банка, сведочеше Хари Костов
- Пивоваров: Горан Грујевски ми кажа дека ме прислушуваат зашто имало наредба од повисоко
- Јанакиески побарал да биде на листата на жртви на прислушувањето – имал емотивни страдања
- Судијата Туфегџиќ бара обвинителите да реагираат по допрен глас по сведочењето на Богоевски во „Таргет-Тврдина“
На обвинителна клупа во „Таргет-Тврдина“ седат бившиот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, неговиот шеф на кабинет Тони Јакимовски, началникот на Петтата управа Горан Грујевски, ексразузнавачот Никола Бошковски и уште неколку лица вработени во УБК. Обвинета е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која за ова рочиште треба да биде спроведена од затворот „Идризово“ каде што влезе пред два дена на издржување на четиригодишната затворска казна за случајот „Тенк“.
Според обвинението за „Таргет-Тврдина“, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4 286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби. На 1 541 број, пак, комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби. Или, вкупно биле прислушувани 5 827 телефонски броја. Прислушувањето, според обвинителството, опфатило над 20 илјади граѓани.