Ексразузнавачот, како еден од прислушуваните, зборуваше дека има докази како судии и обвинители биле на средби со бившиот директор на УБК, Сашо Мијалков, и од нив се барало да издаваат наредби и да носат одлуки со кои имало злоупотреби
Судијата Владимир Туфегџиќ, кој е втор судија во советот за предметот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, побара обвинителите да реагираат по допрен глас по сведочењето на ексразузнавачот Слободан Богоевски за инволвираност на судии и обвинители во злоупотреби на посебните истражни (ПИ) мерки.
Богоевски и во судница и пред новинарските камери, како еден од прислушуваните, зборуваше дека има докази како судии и обвинители биле на средби со бившиот директор на УБК, Сашо Мијалков, и од нив се барало да издаваат наредби и да носат одлуки со кои имало злоупотреби.
„Имам докази како Мијалков ги повикувал во канцеларија, прво обвинителите, државниот обвинител Марко Зврлевски, па Јован Илиевски, па еден по еден судиите. Ќе одиш во притвор ако не донесеш ваква одлука“,
зборуваше Богоески пред новинарите.
На прашање какви докази има, тој рече дека станува збор за изјави од сведоци.

Ваквите уцени кон судии и обвинители, според него, се последица од незаконското прислушување.
„Тоа е последица од незаконското следење. Ако некој покаже интимни разговори од фамилијата, луѓето се плашат“,
рече ексразузнавачот.
За ПИ-мерките што биле издавани за него, тој вели оти неговото име било само „лепено“ за случаи со кои тој нема врска, со цел бесконечно да може да го прислушуваат.
„Правени се злоупотреби со ПИ-мерките. Ако еднаш добијат од суд, најчесто ненадлежен суд, па потоа ќе ви ги продолжуваат мерките прилепувајќи ги на други случаи кои вие не ги ни знаете кои се“,
рече Богоевски.
Во иста насока беше и неговото сведочење во судницата, каде што се одржуваше рочиштето за „Таргет-Тврдина“, само што таму не спомена конкретни имиња.
По сослушувањето на сите сведоци, судијата Владимир Туфегџиќ се обрати и побара обвинителите да постапат откако Богоески во исказот изнесе наводи за вмешаност на судии и обвинители.

„Сметам дека застапниците на обвинението веднаш по приемот на записникот од ова рочиште имаат обврска и должност да го известат надлежниот јавен обвинител“,
рече судијата додавајќи дека тоа го бара и од причина што тој лично како истражен судија бил вклучен во постапка која во минатото се водела против Богоески.
Ќе барам, рече Туфегџиќ, од обвинителството да бидеме известени дали е поведена постапка. Судијата порача дека вакви наводи се слушаат и по дебатни емисии подолг временски период и крајно време е, според него, ова прашање конечно да се разреши и затвори.
Туфегџиќ нагласи и дека на крајот на 2015 година барал од СЈО да го извести дали и тој бил предмет на незаконското прислушување, но оттаму добил одговор дека не биле следени неговите комуникации.
Богоевки, кој денеска обвини дека се злоупотребувале ПИ-мерки и врз незаконско следење се правеле случаи против него, беше обвинет во случајот „Агент“ за продажба на државно земјиште во непосредна близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Овој судски процес пред првостепениот суд заврши во декември 2013 година, кога ексразузнавачот доби две години затвор. Заедно со уште пет лица, „Агент“ се однесуваше на неколку кривични дела: перење пари, фалсификување исправа, употреба на исправа со невистинита содржина и злоупотреба на службената положба и овластување.
Овој случај, рече денеска Богоевски, правосилно е завршен со осудителна пресуда. Штетите што ги претрпел, еден милион евра, тој ги пријави како отштетно побарување во случајот „Таргет-Тврдина“.
„Имаме непосредни штети за постапки што ја воделе против нас од милион евра, тоа е само директна материјална штета. За нематеријалната штета за углед, за душевни болки… тоа е дополнително“,
рече Богоевски по сведочењето.