Дополнително, прифатен е и предлогот на ОЈО ГОКК за определување притвор против две лица кои се недостапни за органите на прогонот
Основниот кривичен суд Скопје им определи 30-дневен притвор на Раде Трајковски-Штекли и уште осум лица кои вчера беа уапсени по наредба на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поради сомнение за неовластено производство и трговија со дрога.

„Предлогот за определување мерка притвор против: Р.Т., П.З., Д.Т., В.В., А.В., Д.Џ.Х., С.С., К.К. и Ф.Р. Судот го прифати и им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а поради постоење на основните од член 165 ст. 1 т. 1, 2 и 3, односно опасност од бегство, околности кои укажуваат дека може да ја попречи истрагата со влијание на сведоци и повторување на делото“,
наведуваат од Кривичниот суд Скопје.
Дополнително, прифатен е и предлогот на ОЈО ГОКК за мерка притвор против две лица кои се недостапни за органите на прогонот. Притворот против нив ќе се спроведува од нивното пронаоѓање и приведување.
На едно од лицата кои вчера беа уапсени во акцијата (С.М.), Судот му определен куќен притвор.
Вчера попладне беа приведени десет од вкупно 14 лица кои се осомничени дека се дел од криминална група поврзана со неовластено производство и трговија со дрога. Меѓу приведените е и Раде Трајковски-Штекли, кој е осомничен дека предводел група од над десетина члена кои се занимавале со продажба на наркотични средства.
