Судири со полицијата и молотови коктели на протести во Италија поради мерките против ковид-19
Во повеќе италијански градови се одржаа протести поради владините мерки против новиот коронавирус, а на неколку собири се случиле и судири меѓу демонстрантите и полицијата.
Најтензично, според медиумските извештаи, било во Милано, каде што групи демонстранти, повеќето млади луѓе, фрлале петарди и шишиња кон полицијата, а кон полициски возила биле фрлени и три молотови коктели. Центарот на градот и сообраќајот биле блокирани.
Тензична била и ситуацијата во Торино. Таму демонстрантите во судир со полицијата фрлале гасни бомби.
Италија беше една од најпогодените земји во првиот бран на коронавирусот кога власта воведе и строги рестриктивни мерки. Мерки се воведоа и сега кога есенскиот бран зема замав низ цела Европа.
Пред околу една недела, премиерот Џузепе Конте излезе во јавноста и најави дека ќе воведат нови мерки бидејќи, како што порача, „не може да се губи време“.
Меѓу мерките што тогаш тој ги соопшти беа онлајн-настава, скратено работно време на ресторани и баровите до 24 часот, со што по 18 часот можат да се служат само гости кои седат на маса, забрана за конференциски настани и локални фестивали…
Дел од регионите, пак, потоа воведоа и построги ограничувања.