Италија втор ден по ред забележа нов рекорд по бројот на нови случаи со новид-19. Денешните бројки говорат дека има нови 11 705 луѓе, што е за 780 повеќе од вчера, со што е потврден најголемиот дневен пораст на бројот на заболени од почетокот на пандемијата.
Во последното деноноќие има и 69 починати што е зголемување во однос на вчерашните 47 смртни случаи.
Италија е една од најпогодените европски земји со коронавирусот, важеше и за жариште во првиот бран. Досега се регистрирани вкупно 414 241 случај на ковид-19, а вкупниот број на смртни случаи е 36 543.
По денешните бројки, властите го вклучија алармот. Премиерот Џузепе Конте вечерва имаше обраќање и им порача на Италијанците дека нема време за губење.
„Не можеме да губиме време, мора да воведеме мерки за да немаме целосна блокада што може сериозно да ја компромитира економијата“,
изјави Конте, пренесува „Би-би-си“.
Владата е тука, рече премиерот, но секој треба да си го заврши својот дел, по што порача дека најефективните мерки остануваат маската, дистанцата и хигиената на рацете, а потоа ги најави и дополнителните рестрикции.
Меѓу новите мерки Конте посочи дека ќе има промени за наставата во средните училишта кои ќе опфаќаат часовите да започнуваат подоцна, но и онлајн настава. Ќе се скрати работното време на рестораните и баровите кои ќе може да работат до полноќ, меѓутоа во периодот од 18 до 24 часот ќе може да се служат само гости на масите. Во рестораните и баровите ќе може да се групираат по најмногу шест лица.
Се забрануваат конференциските настани и локалните фестивали, како и аматерските контакти спортови. За спортските сали и базените ќе има нови протоколи кои ќе мора да се спроведат во рок од седум дена.