Двајца сведоци се појавија на денешното рочиште за случајот „Рекет“. Новинарот Христијан Баневски сведочеше за нарачките што ги добивал во 1ТВ од сега обвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13, а Драгана Колевска, неговата куќна помошничка, кажа кого видела во домот на Боки 13.

Дискретно погледнуваше кон колегите новинарот Христијан Баневски од доскорешната 1ТВ, кој се појави во судница како денешен прв сведок на Обвинителството во случајот „Рекет“. Пред Судот се заколна дека ќе ја зборува вистината, без двоумење кажа дека со колегите во телевизијата бил слободен во извршувањето на задачите, и како „од пушка“ на прашања на обвинителката Вилма Русковска ги наведе трите случаи во кои се посомневал дека Боки 13 се обидува да рекетира бизнисмени преку новинарите во телевизијата.
- НАЈАВА ЗА ИСТРАЖУВАЧКА СТОРИЈА КОЈА НИКОГАШ НЕ СЕ РЕАЛИЗИРАЛА
Баневски бил во 1ТВ од самите почетоци. Добил репортерски ангажман, но набрзо се приклучил на тимот од презентери и уредници кои го воделе и информативниот блок. Од студиото, во повеќе наврати добил наредба од Боки 13, барал да најавува истражувачка сторија, која не била ни почната да се работи.
„Уште првиот месец ми рече да најавувам дека ќе вршиме испитување на амбалажираните води во земјава. Ми беше побарано повеќепати да кажам дека ќе испратиме мостри на испитување. Мостри никогаш не испративме, а додека го најавував истражувањето, некаде во мај, пред мене стоеше шише со вода од ‘Пелистерка’“,
сведочeшe Баневски и дополни дека новинарска пракса е истражувањата да се најавуваат откако ќе бидат подготвени за емитување.
- НАРАЧАНА ПРИКАЗНА ЗА МЕСАРНИЦА ОД ВЕЛЕС
Вториот сомнителен потег за Баневски бил кога Боки 13 од него побарал да направи сторија за фирма од месната индустрија во Велес.
„Боки 13 ми го даде бројот на сопственикот и не се интересираше за развојот на приказната, туку само дали сопственикот бил уплашен. Првата реакција на сопственикот беше дека ние сме рекетари“,
кажа Баневски.
- БОКИ 13 БАРАЛ И „УСПЕШНИ ПРИКАЗНИ“
Третиот пример што го наведе новинарот бил состанок меѓу Боки 13 и бизнисменот Томе Главчев, на кој се договарале серија „успешни приказни“ за фирма на Главчев.
„Од Бојан ми беше соопштено дека почнуваме нов серијал со успешни приказни. Јас не сакав да го правам тоа, не ми беше по ќеиф, гледав да го одложам колку што е можно повеќе. Не знаев што се случува. Искрено, мислев дека ќе треба да го переме Главчев за евентуални криминали. Сè до моментот додека не дознав дека тој си имал лични проблеми со госпоѓата Јанева“,
рече Баневски.
Ова биле единствените три случаи во кои Боки 13 директно барал од Баневски да прави стории. За сите останати задачи во телевизијата, како што е пракса во новинарството, се координирал со уредниците. Баневски рече дека морал да остане до крајот на 1ТВ во тимот поради егзистенцијални причини. До тука исказот на Баневски течеше по прашањата на обвинителката Вилма Русковска која го води „Рекет“.
- БОКИ 13 СЕ СМЕТА ЗА ПРОКУРИСТ НА 1ТВ
По Русковска, почна вкрстеното и директно испрашување на првообвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13, кон новинарот-сведок. Боки 13 го праша Баневски дали имал целосна слобода во известувањето за време на ангажманот во 1ТВ.
„На почетокот ја имавме слободата за известување, затоа сите тие моменти што ги набројав ме шокираа. Во периодот кога осомничените од случајот ‘Империја’ ги пуштија од притвор, господинот Јовановски дојде и ни рече на новинарите кои бевме таму дека не смееме да пишуваме повеќе ништо за тој случај“,
одговори Баневски.
– Зошто кога си бил сведок на нечесни и нелегални дејствија, според тебе, веднаш не си пријавил кај надлежните институции? – праша Јовановски, на што Баневски одговори дека не ги квалификува нештата како незаконски, туку дека му биле сомнителни.
„Капката што ја прелеа чашата е кога јас те прашав дали го рекетираме овој човек, а ти ми рече дека телевизијата мора да живее од нешто“,
рече сведокот алудирајќи на приказната која ја барал Јовановски за бизнисменот од Велес кој работи во месната индустрија.
Баневски одговори со „не знам“ само на прашањето зошто порано не ги пријавил сомневањата.
Бојан Јовановски бараше новинарот да одговори дали тој како прокурист, односно застапник на телевизијата, „формално-правно“, секогаш се залагал да ги заштити правата на новинарите, дека не стопирал приказни да се емитуваат, на што реагираше и обвинителката Вилма Русковска.
„Судија, ве молам, тој не е никаков прокурист ниту менаџер, туку невработен“,
реагираше Русковска, која забележа и дека Боки 13 му импутира одговори на сведокот во самите прашања.
Обвинетиот му кажа на сведокот дека шишиња со вода од „Пелистерка“ станале декорација во студиото од август, кога почнала фирмата да се рекламира, а не во мај, како што тврди сведокот.

- ПОЛИТИЧАРИТЕ МУ ДОАЃАЛЕ ДОМА НА БОКИ 13
По исказот на Баневски, во судницата беше повикана Драгана Колевска, хигиеничарка која хонорарно работела во домот на обвинетиот Боки 13. Речиси секојдневно го гледала Зоран Милевски-Кичеец (кој беше обвинет во „Рекет“, но призна вина и во издвоена постапка доби три години затвор) како влегува кај Боки 13, како во свој дом.
Таа кажа дека доаѓале и многу други личности од јавниот живот.
„Сум ги видела Шекеринска, Јанева, кратки посети беа тоа. Доаѓаше Стефан Богоев, Венко Филипче дојде заедно со Орце Камчев, Александар Кирацоски, Сергеј Варошлија, Ацо Кабранов, Анета Кочишки, Јадранка Костова, Гордана Дувњак, Лила Филиповска“,
сведочеше Колевска која вели дека не ги слушала разговорите меѓу гостите и домаќинот.

Освен Боки 13, сведоците ги слушаше и обвинетата Катица Јанева, но ниту таа ниту нејзината адвокатка Ирена Фрчковска не поставија прашање.
„Рекет“ е во фаза на испрашување сведоци. Освен денешните искази на Баневски и Колевска, во судница на изминатите рочишта се појавија и Орце Камчев (бизнисменот кој по сугестија на премиерот Заев го пријавил случајот во обвинителство) и неговата сопруга Ана Камчева.
Сведочеа и бизнисмените Томе Главчев и Зоранчо Митровски, осомничени во истрагата „Поштенска банка“ на Специјалното јавно обвинителство, како и адвокатот Сашко Бошков.
Следен сведок што треба да се појави на рочиштето закажано за 3 јануари е заменичката на Катица Јанева во некогашното СЈО – обвинителката Елизабета Јосифоска.
Дотогаш Боки 13, кој е обвинет за кривичните дела: примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, останува притворен во Шутка, а Катица Јанева, која е обвинета за злоупотреба на службената положба, следното рочиште ќе го чека од домашен притвор.
Како течеа досегашните рочишта за овој случај, прочитајте од сумираните извештаи на „360 степени“.
*Судење за „Рекет“ – „Поштенска банка“ влезе во записниците
*Судење за „Рекет“: „Обвинителот Боки“ и „госпоѓата Јанева“ низ сведочењето на Камчева