Автобуската несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16 лица, а 37 беа повредени, ќе се случела во секоја можна околност бидејќи автобусот на „Дурмо турс“ се движел и удрил со јачина десетпати поголема од онаа што може да ја издржи оградата на патот.
Ова го посочи градежен вештак, кој денеска сведочеше на судењето за трагичниот настан од 13 февруари лани.
Ваквата констатација беше дадена на крајот од сведочењето, на прашање на обвинителството, откако претходно одбраната му поставуваше вкрстени прашања на вештакот. И тие го прашуваа за брзината, аголот и силата што би ги поднела оградата за да го спречи автобусот да излета од патот.
Вештакот потврди дека се утврдени неправилности при изготвувањето на тој дел од патот, како и дека потоа не е соодветно одржуван.
Во однос на зашрафувањето на одбојниците, беше посочено дека не биле ставени доволно шрафови и оти одбојниците би биле многу поцврсти доколку биле поставени на бетон, наместо на земја.
Еден од адвокатите на обвинетите го праша сведокот и дали работи во „Гранит“, фирмата која го правела тој дел од патот. Тој потврди, но напомена дека при вештачењето ги има нотирано сите воочени неправилности. Така, меѓу другото, адвокатите прашаа што значи тоа, дека доколку ги немало неправилностите при изградбата ќе се сменел текот на случувањата при несреќата, а тој појасни дека автобусот би удрил подолу, ама несреќата ќе се случела секако, но под други околности.
Одбраната нагласуваше и дека вештакот во неколку наврати одговара спротивно од она што го има наведено во вештачењето и побараа сведокот да се потпише и на денешниот извештај од испрашувањето.
Сведочењето на вештакот заврши, а денеска рочиштето ќе продолжи со изведување материјални докази од обвинителството.
*Поврзани вести:
Вештак во случајот „Ласкарци“: И без пропустите, оградата на автопатот не би издржала
(ВИДЕО) Една година по трагедијата кај Ласкарци: Погодените не се откажуваат од барањето правда
(ВИДЕО) Вештакот за несреќата кај Ласкарци тврди дека возачот ниту задремал ниту зборувал на мобилен
Вештакот Аксентиев: Причина за несреќата кај Ласкарци е отсуство на внимание кај возачот