МНР не располага со информации за тоа колку македонски државјани се наоѓаат во Ирак или Иран, но досега никој не се обратил за помош до Министерството.
Македонската влада ги осуди иранските ракетни напади врз американските и коалициските воени бази во Ирак, кои доаѓаат како одговор на Иран за убиството на генералот Сулејмани.
„Сметаме дека ваквите неприфатливи постапки дополнително ги зајакнуваат тензиите и го зголемуваат ризикот од воен судир од пошироки размери. Апелираме на максимална воздржаност и преземање мерки за создавање предуслови за постепено смирување на тензиите и нормализирање на состојбата“, велат од МНР нагласувајќи дека земјава останува во постојани консултации со ЕУ и НАТО-партнерите и дека поддржуваат деескалација на состојбата во Иран.
Кога станува збор за тоа дали и колку македонски државјани има во Ирак или Иран, од МНР велат дека во моментов не располагаат со конкретни податоци за бројот, нагласувајќи дека РС Македонија нема дипломатско-конзуларни претставништва во овие земји, но оти преку своите дипломатски канали ги преземаат сите мерки за да добијат информации поврзани со наши државјани. Меѓутоа, до овој момент ниту еден македонски државјанин кој би можел да се наоѓа во тој регион не се обратил за помош до МНР.
„Во однос на наши државјани со работен ангажман во воените бази во Ирак, МНР не поседува информации од тој тип. Ангажманот што тие лица го имаат не е во надлежност на Министерството. Постапката при вработувањето се води независно од институциите на Република Северна Македонија. Тие лица конкурираат директно во приватни агенции за работа и имаат склучено договор со надлежните органи на САД или други држави присутни во базите. МНР нема увид во нивните договори, поради заштита на личните податоци, а со тоа и нема евиденција на нивниот број и статус“, објаснуваат од МНР.
Оттаму ги советуваат оние што се наоѓаат на Блискиот Исток да бидат претпазливи и постојано да ја следат состојбата, а во случај на потреба веднаш да се јават на дежурниот сервис во МНР: +389 75 273 732 или на останатите СОС-телефони во најблиските дипломатски претставништва на Република Северна Македонија: Анкара +90 539 456 97 10, Истанбул +90 545 614 97 77, Тел Авив +972 737 154 900, Доха +974 665 979 44, Абу Даби +971 564 41 7532.
Комуникацијата преку овие броеви е можна и со апликациите „Вибер“ и „Вацап“.
*Поврзани вести:
Одмазда за убиениот генерал Сулејмани: Нападнати воени бази со американски војници во Ирак
Американците стравуваат од војна со Иран, рејтингот на Трамп останува стабилен