Откако Иран реши да возврати за убиството на генералот Сулејмани со ракетни напади врз бази во регионот во кои има американски трупи, едно од прашањата што се анализираат е колку војници Вашингтон има распоредено во и околу Блискиот Исток. Според податоците што ги објавуваат американските медиуми, станува збор за околу 65.000 американски војници кои, според заканите на властите во Техеран, се можна цел на иранските напади.
Најголемиот контингент на Пентагон е во Авганистан, земја-сосед на Иран, каде што има 14.000 војници на САД. Следуваат Катар и Кувајт со по 13.000 американски војници на нивна територија. Во Ирак, кој исто така се граничи со Иран, има околу 6.000 американски војници, додека во Бахреин – мала земја во Персискиот Залив, лоцирана наспроти Иран, стационирани се околу 7.000 војници на САД, како и командата на Петтата американска флота задолжена да патролира во Персискиот Залив, Црвеното и Арапското Море низ кои се транспортира најголемиот дел од светската нафта.
АМЕРИКАНСКИ ВОЈНИЦИ РАСПОРЕДЕНИ ОКОЛУ ИРАН
Авганистан | 14.000 војници |
Катар | 13.000 војници |
Кувајт | 13.000 војници |
Бахреин | 7.000 војници |
Ирак | 6.000 војници |
ОАЕ | 5.000 војници |
С Арабија | 3.000 војници |
Јордан | 3.000 војници |
Оман | 606 војници |