Од ССМ посочуваат дека Владата не го направила усогласувањето на платите за сите вработени во јавниот сектор, односно, како што посочуваат, паушално и без критериуми платите некаде не се зголемуваат воопшто, а некаде се зголемуваат за одредени категории вработени наспроти други категории вработени во јавниот сектор за кои Владата е непосреден работодавач
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) информира оти ја тужи Владата поради поради неусогласувањето на платите на сите вработени со порастот на минималната плата која во март годинава се зголеми за 18,4 проценти и таа сега изнесува 18 000 денари. Со неусогласувањето на платите со минималецот, посочуваат од ССМ, се дискриминирани голем број на вработени во јавниот сектор.
„Владата не постапи во целост согласно Закон за измени и дополнување на Законот за минимална плата објавен во Сл. весник бр. 41 /2022 година со кој е утврдена висина на минимална плата во износ од 18 000 денари во нето износ, што претставува зголемување од 18,4 проценти во однос на вредноста на претходната минимална плата. Согласно член 8 од Законот за минимална плата потребно беше да се усогласат платите на сите вработени со порастот на минималната плата“,
се појаснува во денешното соопштение од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Од ССМ посочуваат дека Владата не го направила усогласувањето на платите за сите вработени во јавниот сектор, односно, како што посочуваат, паушално и без критериуми платите некаде не се зголемуваат воопшто, а некаде се зголемуваат за одредени категории на вработени наспроти други категории на вработени во јавниот сектор за кои Владата е непосреден работодавач.
„Постапувајќи на овој начин Владата го наруши принципот на еднаквост на граѓаните и работниците кој е уреден во член 9 од Уставот на Република Северна Македонија во однос на остварување на нивните права и обврски кои произлегуваат од работниот однос. Токму почитувањето на принципот на еднаквост и недискриминација при остварување на работничките права како најзначаен дел од граѓанските права претставуваат показател дали една држава е демократски ориентирана и искажува еднаква грижа без дискриминација кон сите свои граѓани и работници“,
додаваат од ССМ, додавајќи дека правото на достоинствена заработувачка, односно заработувачка што обезбедува пристоен животен стандард е право гарантирано со меѓународните инструменти за човекови права.
Одбивањето на Владата да се вклучи во суштествен социјален дијалог за зголемување на останатите плати пропорционално со зголемувањето на минималната плата, посочуваат од ССМ, е причина и за генерален штрајк во целиот јавен сектор кој трае веќе три месеци онаму каде што платите не се усогласени.
„За прв пат во историјата на Македонската држава се случува генерален штрајк во цел сектор кој трае толку долго, а една Влада одбива да разговара со претставниците на работниците“,
додаваат оттаму.
„Владата добро знае дека е должна да постапи и да го примени член 8 од Законот за минимална плата и да ги зголеми платите за износот утврден во последното зголемување на минималната плата за сите вработени во јавниот сектор без дискриминација. Дотолку повеќе што во приватниот сектор особено каде што ССМ има синдикати, приватните работодавачи постапувајќи по законот ги усогласија колективните договори и ги зголемија платите на своите вработени, а истото го сторија и општините, градот Скопје и јавните претпријатија основани од општините и Градот Скопје, а останаа уште оние работници за кои е надлежна Владата како вработените во дел во министерствата и јавните претпријатија за кои е основач Владата“,
стои во соопштението на Сојузот.
Според ССМ, со неусогласувањето на платите на дел од вработените во јавниот сектор со минималната плата, а со усогласувањето на платите на дел од вработените, Владата постапува противуставно без реални и оправдани причини.
„На овој начин Владата на Република Северна Македонија како тужена во постапката го повреди правото на еднаков третман и со пропуштање на дејствија и нивно непреземање го повреди правото на еднаквост со што прави дискриминација кон своите вработени. Дополнително, со поднесувањето на оваа тужба, ССМ ќе ги искористи и сите други достапни механизми и ќе поднесе соодветни тужби и пријави пред меѓународните институции за што веќе добиваме помош и поддршка од Европската конфедерација на синдикатите“,
најавија од ССМ.
Договорот за покачување на минималната плата почна да важи со исплатата на платата за март откако по неколку преговори меѓу Владата, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Организацијата на работодавци беше договорено покачување на минималецот за 2 800 денари (45 евра) односно од 15 200 на 18 000 денари.
Во меѓувреме, ССМ повеќепати апелираше до властите и излегуваше на протести за усогласување на платите за 2 806 денари за сите вработени согласно покачениот минималец.