Димовски најави дека од септември ќе ги повикаат сите работници, без разлика дали се од приватниот или од јавниот сектор, да излезат на улица
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Дарко Димовски, најави радикализирање на штрајкот од септември ако Владата не ги исполни нивните барање, меѓу кои – со покачувањето на минималната плата за 18,4 проценти, да се усогласат сите останати плати.
„Согласно Законот за минимална плата и новата методологија, со порастот на минималната плата треба да се усогласат и сите останати плати. Значи, минималната плата се зголемила за 18,4 проценти и во тоа законско решение се вели дека во рок од шест месеци мора да се усогласат и останатите плати. Но, видовме дека тоа не се случи“,
рече Димовски во денешното гостување на ТВ Сител.
Тој посочи дека уште е во тек штрајкот во јавниот сектор, а радикализирање ќе има во септември бидејќи, според Владата, законот им овозможува до септември да ги усогласат платите.
„Како социјални партнери, на 1 мај последен пат остваривме средба со владини претставници, каде ни беше ветено дека Владата ќе излезе во пресрет и ќе даде по 2 860 денари со ребалансот на Буџетот. Видовме во ребалансот на Буџетот, министерот за финансии Фатмир Бесими тоа го нема предвидено, туку почнаа од ракав да се делат некакви покачувања. Затоа, ние од септември ќе радикализираме доколку не се случи ова покачување“,
рече Димовски.
Тој најави дека од септември ќе ги повикаат сите работници, без разлика дали се од приватниот или од јавниот сектор, да излезат на улица.
„Ги повикуваме сите работници на улица за да може најпрвин да егзистираме, да опстанеме, бидејќи како што вели Владата, од септември не знаеме што ќе се случи поради најавената нова енергетска криза, се најавуваат штедења, уште поголема инфлација“,
додаде претседателот на ССМ.
Во однос на даночните реформи, тој смета дека сега воопшто не е време за тоа.
„После 1 мај, од кога исчезна социјалниот дијалог, ние преку медиумите и преку она што го презентираше министерот Бесими разбравме дека се зборувало за прогресивен, но мене ова повеќе ми личи на регресивен данок бидејќи истиот повеќе ги зафаќа сиромашните отколку богатите. Преку тој данок, пониските примања на плати од нивниот профит ќе бидат повеќе оданочени“,
смета тој.
Посочи дека ССМ ќе му предложи на министерот за финансии Бесими да го оданочи профитот на банките со 33 отсто данок, а не, како што рече, да ги чепка работниците, пензионерите и младината.