Зголемувањето на минималната плата ќе биде и една од темите на разговор на состанокот што во понеделник раководството на синдикатот ќе го има со владини претставници, откако претходно средбата на сојузот и Владата беше одложена
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ја поздрави одлуката на партијата „Левица“ чии пратеници до Собранието го доставија Предлог-законот на ССМ за зголемување на минималната плата, и повикаа и другите партии и пратеници во Собранието да го следат овој пример и да покажат дека се на страната на работниците и граѓаните.
„Во услови кога ниту најголемиот пораст на минималната плата во 2017 година не го загрозил стопанството – односно фирмите не отпуштале работници, не ги намалувале платите, ниту пак им се намалил профитот- туку напротив ја зголемиле продуктивноста и профитот, очекуваме и уште еднаш ги повикуваме и другите партии и пратеници во Парламентот да го следат примерот и да го сторат истото веднаш и да покажат дека се за работниците и за граѓаните“,
наведува ССМ во соопштението.
Сојузот на синдикати на Македонија бара итно зголемување на минималната плата на 18 000 денари и спирално зголемување на сите останати плати, земајќи ги предвид зголемените животните трошоци, енергетската и топлинската криза. Како аргумент за зголемување на минималецот, од ССМ го посочуваат и зголемувањето на минималната синдикална кошничка за 1 500 денари во декември лани, во однос на декември 2020 година.
Зголемувањето на минималната плата ќе биде и една од темите на разговор на состанокот што во понеделник раководството на синдикатот ќе го има со владини претставници, откако претходно средбата на сојузот и Владата беше одложена.