Одлуката на српската влада за централизирано информирање за состојбата со коронавирусот ќе биде повлечена, најави премиерката Ана Брнабиќ.
Одлуката беше донесена на владина седница на 28 март и предвидуваше сите информации во врска со пандемијата во јавноста да ги соопштува само премиерката Брнабиќ или лице кое ќе го овласти Кризниот штаб.
Повлекувањето владата ќе го направи по барање на претседателот Александар Вучиќ.
„Иако верувам дека оваа уредба ги штити сите, граѓаните, здравствените работници и семејствата, од лажни вести и непроверени информации, за да не се фрли сенка врз она што го работиме макотрпно, владата денеска, пред седницата на кризниот штаб, ќе ја повлече одлуката“,
изјави Брнабиќ.
Таа верува дека со повлекувањето државата многу повеќе време ќе посвети во борбата против лажните вести, кои секојдневно се пласираат. Во таа смисла, Брнабиќ ги спомена, според неа, лажните вести за 24-часовна забрана за движење, за тоа дека активисти на СНС барале пари за да донесат помош и дека во клиничките центри нема опрема. Поради последното, односно поради текст за лошата состојба во клиничкиот центар во Нови Сад, беше уапсена и новинарка.
Загриженост поради одлуката за централизирано информирање вчера изразија и од ОБСЕ наведувајќи дека таквата одлука на новинарите и медиумите им ја исклучува можноста да добиваат информации за пандемијата од други извори, освен од оние што се споменуваат во содржината на одлуката.
*Поврзани вести:
ОБСЕ загрижена зашто српската влада одлучи да го централизира информирањето за коронавирусот
Уапсена новинарка во Србија, напишала текст дека Клиничкиот во Нови Сад нема заштитни маски
Новинарката пуштена од притвор, Брнабиќ апелира да не се апсат новинари