Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиуми, Арлем Дезир, и шефот на мисијата на ОБСЕ во Србија, Андреа Орицио, изразија загриженост за новата одлука на Владата на Србија за централизирано информирање во текот на вонредната состојба поради пандемијата со коронавирус и како тоа ќе влијае врз слободниот пристап до информации, јавува телевизијата N1.
Во соопштението на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ пишува дека „таквата одлука на новинарите и медиумите им ја исклучува можноста да добиваат информации за пандемијата од други извори, освен од оние кои се споменуваат во содржината на одлуката”.
Дезир посочува дека „пристапот до информации е од клучна важност за медиумите“ кои во време на здравствена криза имаат важна улога во објавувањето значајни информации за јавноста и во борбата против ширењето на лажни информации за пандемијата.
„Иако целосно ја разбирам потребата од борба против емитувањето лажни информации за време на оваа здравствена криза, јас сум загрижен за влијанието на оваа одлука врз работата на медиумите и новинарите, како и нивната способност да известуваат за пандемијата и да објавуваат информации кои потекнуваат од разни извори“,
наведува Дезир.
Орицио, пак, вели дека Мисијата на ОБСЕ во Србија во целост ги поддржува напорите на српските власти во борбата против коронавирусот кои вклучуваат и обезбедување релевантни информации за граѓаните во текот на пандемијата.
„За да се зачува довербата на јавноста, да се спречи нервоза и паника и да има соработка од страна на граѓаните, клучно е дополнително да се заштити слободниот проток на информации од сите нивоа на власт, да се зачува плурализмот на изворите и целосната транспарентност во текот на вонредната состојба“,
посочува Орицио.
Одлуката за централизирано информирање во Србија била донесена на 28 март на седница на српската влада. Таа предвидува сите информации во врска со пандемијата во јавноста да ги соопштува само премиерката Ана Брнабиќ или лице кое ќе го овласти Кризниот штаб.