На новинарката од порталот на српската телевизија Нова, Ана Лалиќ, ѝ е одредена мерка притвор поради објавен текст во кој пишува дека Клиничкиот центар Војводина работи во хаотични услови и се соочува со хроничен недостиг на заштитни маски за медицинските сестри.
По објавувањето на текстот, реагирале од здравствената установа со барање од обвинителството и од полицијата да преземат мерки бидејќи новинарката со написот ја вознемирила јавноста и го нарушила угледот на институцијата.
Таа во наредните 48 часа ќе биде во полиција бидејќи властите се сомневаат дека таа може да го повтори делото и да објавува текстови кои предизвикуваат паника и немири.
„Извршија претрес на нејзиниот стан. Ѝ ги одземаа лаптопот и двата мобилни телефони, службениот и приватниот. Потоа ја однесоа во полициска станици. Не ја сослушуваа, туку веднаш ѝ изготвија решение“,
изјави нејзиниот адвокат Срѓан Ковачевиќ кој присуствувал на претресот.
Според неговите зборови, таа ќе биде во притвор сè додека не биде сослушана. Тој се надева дека тоа ќе се случи многу скоро.
Инаку, новинарката Лалиќ во отворено писмо соопшти дека нема намера да го открие изворот на информацијата за состојбите во Клиничкиот центар.
Одговарајќи на обвинувањата, таа укажува дека се согласува со фактот дека на Клиничкиот центар Војводина му е нарушен угледот, ама не со нејзиниот текст, туку со срамниот третман на сопствените вработени.
„Наместо да ја заштитите сопствената професија од политиканство, вие поддржувате лицемерство и активно учествувате во замената на тезата која ја прави власти, дека граѓаните, а не нивниот несериозен приод кон пандемијата се виновни за тоа што имаме најголем број заразени и починати од сите земји во регионот“,
вели Лалиќ.
Таа на крајот од своето писмо, во пост скриптумот пишува дека однапред се откажува од сите три оброци додека е во притвор.
Новинарката на Нова е член и на Управниот одбор на Здружението на независни новинари на Војводина. Нејзиниот уредник целосно застана зад неа и ја претстави како врвен професионалец и храбар новинар.
„Најлажливата власт во новата српска историја, окуражена од вонредната состојба, се дрзна да апси чесни новинар обвинувајќи ги дека шират паника. Не постојат никакви, заклучоци, уредби или вонредни состојби кои можат да ги ограничат новинарите како Ана да си ја вршат својата работа. Не можете да ги замолчите ниту останатите 80 новинари и уредници на Нова, освен ако решите да нè ставите во притвор“,
вели главниот и одговорен уредник на Нова, Веселин Симоновиќ.
Инаку, во текстот новинарката наведува дека се обидела да добие официјален став од раководството на Клиничкиот центар и од покраинските власти, но никој од нив не сакал да одговори не нејзините прашања.