Српската полиција утрото ја ослободи новинарката Ана Лалиќ на која синоќа ѝ беше одредена мерка притвор од 48 часа поради текст во кој ја критикува хаотичната состојба во Клиничкиот центар Војводина.
„Укината ѝ е мерката и таа е на слобода“,
изјави за српските медиуми нејзиниот адвокат Срѓан Ковачевиќ.
Во утринските вести на РТС, коментирајќи го приведувањето на новинарката на Нова, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, изрази жалење за апсењето и упати апел да не се преземаат мерки против новинарите, па дури и ако шират лажни вести.
„Жал ми е за тоа што се случи. Но, ширењето лажни вести во вонредна состојба е сериозен прекршок. Ги молам новинарите да шират лаги со кои се намалува угледот и капацитетот на здравствените установи, на здравствените работници. Сепак, апелирам да не се приведуваат новинари, па дури ниту тие што говорат лаги“, изјави Брнабиќ.
Уапсена новинарка во Србија напишала текст дека Клиничкиот во Нови Сад нема заштитни маски
Таа, исто така, соопшти и дека ја повлекува одлуката за информирање во време на пандемијата на коронавирус, со која се забрануваше пониски нивоа на владини и здравствени установи да даваат информации во врска со здравствената состојба на граѓаните.
„Моја вина и глупост е што ја донесовме оваа уредба. Криво ми е што владината уредба фрли сенка над сето добро што беше направено“, изјави Брнабиќ.
ОБСЕ загрижена зашто српската влада одлучи да го централизира информирањето за коронавирусот
Со спорната регулатива беше предвидено дека информациите за состојбата, последиците и мерките преземени за борба против ширењето на коронавирусот може да ги даде само Кризниот штаб за спречување на ширење на ковид-19, предводен од премиерот. Јавноста и медиумите се побунија против регулативата со образложение дека станува збор за класична цензура на медиумите.