Имајќи ги предвид актуелните прашања околу средношколскиот и студентскиот стандард, државна матура, субвенциониран студентски оброк и слично, ги покануваме студентите да ни се придружат на протестот в петок од 12:30 часот пред МОН за заедно да издејствуваме подобрување во образовниот систем, велат од ОДАС

Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС) за в петок пред Министерството за образовани и наука најави протест. Од ОДАС упатуваат покана до студентите да им се придружат на протестот в петок со цел заеднички да дојдат до подобрување на условите во образовниот систем.
„Имајќи ги предвид актуелните прашања околу средношколскиот и студентскиот стандард, државна матура, субвенциониран студентски оброк и слично, ги покануваме студентите да ни се придружат на протестот во петок од 12:30 часот пред МОН за заедно да издејствуваме подобрување во образовниот систем“,
велат од ОДАС.
Тие додаваат дека изминатите неколку години, како учесници во образовниот систем, се соочувале со голем број предизвици за кои вреди да се дискутира и да се лобира кај надлежните.
Од ОДАС најавија дека до Собранието и Владата ќе испратат барање за олеснување на полагањето државна матура за годинашната генерација – или да се скрати обемот на материјалот или да се намали бројот на интерни испити.
Оттаму велат дека како организација целат прво работите да бидат решени преку дискусија, а дури потоа би следувале порадикалните мерки. Тие бараат намалување на обемот на материјалот предвиден за полагање на матурата или скратување на еден интернет предмет. Според нив тоа се должи на два најголеми фактора во последните четири години –корона-кризата и година и пол онлајн настава и дојавите за бомби. Од ОДАС велат дека матурантите се најоштетена генерација затоа што досега немале една целосна непрекината учебна година.
Од Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија велат дека во моментов Генералното собрание на ССРСМ нема донесено одлука за ова прашање и дека треба да се разгледаат сите аспекти.
„Не е прашање само што би сакала една група на средношколци, туку треба да се размислува за сите, бидејќи има повеќе интереси на учениците што се во конфликт – тие што сакаат да се запишат во странство, тие што сакаат да се запишат на студии тука, тие што можеби не ни сакаат да се запишат на факултет. Така што, проблемот околу државната матура е повеќезначен и им повеќе аспекти што треба да се истражат“,
вели Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија.
Од Министерството за образование и наука вчера рекоа дека следната недела ќе се разгледува барањето на матурантите за намалување на материјалот за полагање на државна матура.
Министерот Јетон Шаќири рече дека ќе има состанок со Државниот испитен центар (ДИЦ) како институција која ги подготвува сите фази за реализација на државната матура за да се види начинот на којшто тоа треба да се реализира. Тој додаде дека на средбата треба да се разгледаат законските регулативи, односно што дозволува Законот да се менува во овој момент по однос на барањето на матурантите, со оглед на тоа што испитите од државната матура се веќе закажани.
Според сегашното решение, матурантите полагаат два екстерни и два интерни предмета и проектна задача. Тестот по првиот екстерен испит – мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик) и литература е закажан за 27 мај, а на 10 јуни, според календарот на Државниот испитен центар, треба да го полагаат вториот екстерен испит – избор меѓу предметите математика, англиски јазик, француски, германски, руски јазик, филозофија или естетика.