Министерот кажа дека на средбата со Државниот испитен центар (ДИЦ) треба да се разгледаат законските регулативи, односно што дозволува Законот да се менува во овој момент по однос на барањето на матурантите, со оглед на тоа што испитите од државната матура се веќе закажани
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири најави дека следната недела ќе биде разгледано барањето на матурантите за намалување на материјалот за полагање на државната матура.

„Дел од материјалот што е доставен до средношколците е усогласен според тоа како е реализирана во претходната учебна година. Но, без разлика на тоа, јас сум отворен во наредниот период да реализирам уште еден состанок со Државниот испитен центар (ДИЦ) како институција која ги подготвува сите фази за реализација на државната матура и да го видиме начинот на којшто тоа треба да се реализира“,
рече Шаќири.
Додаде дека на средбата треба да се разгледаат законските регулативи, односно што дозволува Законот да се менува во овој момент по однос на барањето на матурантите, со оглед на тоа што испитите од државната матура се веќе закажани.
Вчера пред Министерството за образование и наука (МОН) група средношколци одржаа протест барајќи од надлежните да им биде скратен материјалот за полагање на државната матура, зашто, како што велат, во последните неколку години како генерација изгубиле многу од наставата поради пандемијата на ковид, но и поради новонастанатата ситуација со дојавите за бомби во училиштата.
Сепак, по ова барање сè уште официјално не се произнесесоа од Сојузот на средношколци.
Претседателот на Сојузот, Лука Павиќевиќ, најави дека за една до две недели ќе се одржи Генерално собрание кое ќе се произнесе по ова прашање, по што Сојузот ќе излезе со официјални барања на средношколците за државната матура.
„Не е прашање само што би сакала една група на средношколци, туку треба да се размислува за сите, бидејќи има повеќе интереси на учениците што се во конфликт – тие што сакаат да се запишат во странство, тие што сакаат да се запишат на студии тука, тие што можеби не ни сакаат да се запишат на факултет. Така што, проблемот околу државната матура е повеќезначен и им повеќе аспекти што треба да се истражат“,
рече Павиќевиќ.
Во меѓувреме, Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС) најави дека до Собранието и Владата ќе испрати барање за олеснување на полагањето државна матура за годинашната генерација – или да се скрати обемот на материјалот или да се намали бројот на интерни испити.
Екстерните испити од годинашната државна матура се закажани за 27 мај и 10 јуни.
На 27 мај ќе се полага мајчин јазик – македонски, албански или турски јазик, а на 10 јуни матурантите ќе полагаат еден од предметите – математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија и естетика.