Србија утре ќе ја почне вакцинацијата против ковид-19 со вакцината на компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“. Претседателот Александар Вучиќ изјави дека процесот ќе започне од домовите за стари лица, како и дека некој од власта ќе ја прими вакцината за да покаже дека таа е безбедна.
„Дали тоа ќе бидам јас, Ана Брнабиќ или Дарија Кисиќ-Тепавчевиќ, ќе видиме. Некој од нас ќе го оставиме за втората вакцината за да им покажеме на луѓето дека секоја вакцина која нашиот здравствен систем ја добива е добра“,
рече Вучиќ.
Тој рече дека е уверен оти кон средината на јануари ќе може да се почне со масовна вакцинација, а ако до крајот на јануари Србија успее да вакцинира милион граѓани, тогаш тоа ќе биде голем успех.
Вакцинацијата кај северниот сосед почнува откако вчера пристигна првиот контингент од 4 875 дози од вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“.