Српскиот министер за здравство Златибор Лончар денеска изјави дека првите дози на вакцината „Фајзер“ и „Бионтек“ во Србија ќе пристигнат во понеделник или вторник, во првата транша има нешто помалку од 5 000 дози. Како што се наведува на веб-страницата на српската влада, првите вакцини ќе ги примат корисниците на домовите за стари лица.
Лончар изјави дека дозволата за увоз на вакцината на компанијата „Фајзер“ и „Бионтек“ е издадена вчера од српската Агенцијата за лекови и медицински средства и дека првите дози ќе пристигнат како што е ветено до крајот на годинава.
„Тоа е голем успех ако се знае дека само неколку земји во Европа и светот можат да се пофалат дека ќе имаат вакцини во тој период“,
кажа министерот.
Тој изрази надеж дека дозволата ќе ја добијат и други производители и дека граѓаните на Србија ќе имаат можност да ја изберат вакцината, истакнувајќи дека вакцинацијата ќе биде бесплатна.
Според него, Србија е меѓу првите земји што добиле вакцини затоа што била една од првите пет земји во светот кои потпишале договор со компанијата „Фајзер“.