Патријархот Иринеј, беше 56. поглавар на СПЦ, а е првиот патријарх кој е погребан во храмот Свети Сава, чија изградба и поставувањето на мозаикот беше една од главните карактеристики на неговото раководење со српската црква
Огромен број граѓани и бројни политичари денеска го испратија поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Иринеј, кој почина по компликации од ковид-19.
Тој беше погребан во храмот Свети Сава во Белград. Неговиот ковчег, поради ковид-19, беше затворен со стакло.
Погребната литургија и опело служеше митрополитот дабро-босански Хризостом, со учество на владиците и свештенството на СПЦ, а имаше и претставници од другите православни цркви, меѓу кои беше и вториот човек на Руската православна црква, митрополитот Иларион.
На погребот беше целиот државен врв на чело со претседателот Александар Вучиќ, членот на претседателството на БиХ Милорад Додик, мандатарот на црногорската влада Здравко Кривокапиќ…
Вучиќ имаше и обраќање.
„Овој храм тој практично го изгради. Ја обнови културата на сеќавање. Тој не прифаќаше поделба на луѓето и нациите, иако ја признаваше секоја држава скроена на моделите на АВНОЈ. Тој веруваше во растечката сила на српската држава и помалку наивно, во силата да го убеди светот за страдањата на нашиот народ на Косово“,
изјави во говорот под опелото претседателот Александар Вучиќ.
Пред храмот беа присутни голем број верници кои преку двата видеобима ја следеа Светата литургија и погребот, бидејќи престојот во храмот беше ограничен поради епидемиолошката состојба.
Патријархот Иринеј, беше 56. поглавар на СПЦ, а е првиот патријарх кој е погребан во крипата на храмот Свети Сава, чија изградба и поставувањето на мозаикот беше една од главните карактеристики на неговото раководење со српската црква.
Оваа година СПЦ беше речиси целосно обележана со коронавирусот. Иринеј умре од компликации со коронавирусот, а во болница заврши четири дена по служењето литургија на погребот во Црна Гора на митрополитот Амфилохије, кој исто почина од последици од ковид. Денеска почина и расчинетиот епископ Артемије, а претходно битката со вирусот ја загуби и ваљевскиот епископ Милутин, а заразени се и повеќе епископи.
До изборот на новиот поглавар на Српската црква, должностите ќе ги извршува Синодот, со кој ќе раководи најстариот член. Изборот на патријарх се врши најдоцна во рок од три месеци од денот кога престолот на патријархот е испразнет, „на апостолски начин“, со жрепка, помеѓу тројцата кандидати со најмногу гласови.