Во Белград започна погребот на поглаварот на СПЦ, патријархот Иринеј. Тој ќе биде погребан во храмот Свети Сава во Врачар.
На литургијата се наоѓа целиот државен врв на Србија, како и политичари од Црна Гора. Пред храмот, пак, поставени се два видеобима за граѓаните да може да ја следат литургијата надвор наместо да влегуваат внатре поради ситуацијата со коронавирусот.
Синодот на СПЦ ги повика граѓаните да се придржуваат на епидемиолошките мерки.
Ковчегот на патријархот, кој почина како последица на компликациите од ковид-19, е затворен со стакло, но сепак, како што јавуваа медиумите, голем број од присутните оддавајќи му почит го бакнуваат ковчегот.
Пред да започне литургијата, во храмот Свети Сава пристигна и српскиот претседател Александар Вучиќ, а таму е и првиот човек на Република Српска, Милорад Додиќ. Претседателот на парламентот Ивица Дачиќ, премиерката Ана Брнабиќ и поголем дел од министрите, исто така, дојдоа да го испратат Иринеј.
Покрај српските, на погребот дојдоа и црногорски политичари, меѓи и мандатарот за состав на новата влада во Црна Гора, Здравко Кривокапиќ и лидерот на партијата Вистинска Црна Гора, Марко Милачиќ.