Кризниот штаб во Србија за борба против ковид-19 денеска ќе одлучува дали земјата ќе воведе рестриктивни мерки за подолг временски период, какви што беа во сила викендов.
Епидемиологот Предраг Кон изјави дека единствени мерки што може да се донесат за да се намали ширењето на вирусот е следните две недели да бидат отворени само продавници за храна, за гориво и аптеки, а сѐ друго да биде затворено. Во Србија изминатиов месец е голем притисокот врз болниците поради новоинфицирани со ковид-19.
„Вкупно 791 000 граѓани ги примиле двете дози на вакцината против коронавирусот“,
изјави директорот на Канцеларијата за информатичка технологија и електронска администрација, Михаило Јовановиќ.
За РТС тој рече дека досега се дадени над 2 милиони вакцини на граѓани, а на порталот за е-управа се регистрирани 1,3 милион граѓани кои се заинтересирани да примат една од вакцините против вирусот.
На прашањето дали странските граѓани можат да примаат вакцина во Србија, Јовановиќ одговори потврдно, но додаде дека според приоритетите, тие се зад српски државјани.
„Кога зборуваме за приоритетите, прво ги покануваме домашните граѓани, по категории приоритетни групи, и само во следниот период ќе поканиме странски државјани со престој (во Србија) и само на крајот странски државјани без престој во Србија“,
изјави тој.