Српскиот претседател, Вучиќ ја информирал Фон дер Лајен дека за Србија е многу важна оваа интерконекција и дека треба да се изградат околу 70 километри гасовод кон С Македонија од српска страна, а земјава да изгради уште 23 километри
Србија ќе гради гасна интерконекција со С Македонија, која ќе чини над 70 милиони евра. Ова денеска го најавија претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и српскиот претседател Александар Вучиќ за време на обиколката на работите на изградбата на гасниот интерконектор Ниш – Димитровград во Јелашница.

Изградбата на гасната конекција се оценува како важна, бидејќи ќе овозможи диверзификација на изворите за снабдување со гас на Србија.
Како што пренесува МИА, претседателката на Европската комисија говорејќи за 500 милиони евра неповратни средства од Европската унија наменети за инвестиции во инфраструктурата, споменала три проекти – Трансбалканскиот коридор за електрична енергија од Италија преку Србија до Бугарија, изградбата на нова енергетски ефикасна Универзитетска детска болница и изградба на Гасен интерконектор меѓу Србија и Северна Македонија.
„Господине претседателе, вие ми објаснивте дека тоа е многу важно, а тоа е изградбата на гасен интерконектор меѓу Србија и Северна Македонија, со што регионот ќе се комплетира. Сето тоа е во нашите проекти“,
изјави Фон дер Лајен.
Српскиот претседател, Вучиќ ја информирал Фон дер Лајен дека за Србија е многу важна оваа интерконекција и дека треба да се изградат околу 70 километри гасовод кон С Македонија од српска страна, а земјава да изгради уште 23 километри.
„Јас молам за овој проект, кој комесарот Оливер Вархеји и претседателката на ЕК, Урсула, веќе го прифатиле со Северна Македонија. Многу ни е важно со ова да стартуваме што поскоро, бидејќи денес во Скопје постои гасна електрана (ТЕ-ТО н.з.) и ние и да имаме гас, не можеме директно да одиме со Македонците, туку преку Бугарија, па комплетен реверсен дел да правиме со нив и сето ова ни е многу важно“,
изјави Вучиќ.
Тој додаде дека во иднина Србија мора да се поврзе и со Црна Гора и со Босна и Херцеговина и Република Српска и да тоа ќе биде можно по изградбата на гасната интерконекција со земјава.
„И тогаш ќе можеме да се поврземе и со Албанија и со Грција со ЛНГ терминалот за течен природен гас, како и со други извори. Тогаш ќе бидеме во многу подобра позиција кога станува збор за диверзификација на изворите на снабдување и особено за поврзување со гасоводите ТАП и ТАНАП и другите ЛНГ терминали“,
рече Вучиќ.
Србија, потесети тој, ќе може да добива гас преку ЛНГ терминалот во Александрополи.
Вучиќ на претседателката на ЕК Лајен и порача дека според предвидената цена, изградбата на гасната интерконекција меѓу Србија и Северна Македонија ќе чини повеќе од 70 милиони евра.
Тој додаде дека соседните земји треба да си помагаат меѓусебно кога е во прашање гасот.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен е во официјална посета на Србија, како дел од нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан, која ја почна во средата, со официјалната посета на Скопје.