Според новата одлука, угостителските објекти и трговските центри остануваат затворени, додека се отвораат кината, театрите, галериите, библиотеките и фризерските салони, но под нови услови – по 9 квадратни мерки по човек, како и фитнес-клубовите, бањите и спортските сали каде што мора да има по 16 квадратни метри по лице
И покрај тоа што бројките на новозаразени во Србија не се намалуваат, владата донесе одлука за олабавување на рестрикциите, кои до вчера предвидуваа затворање на сите објекти, освен продавниците за храна, аптеките и бензинските пумпи.
Според новата одлука, угостителските објекти и трговските центри остануваат затворени, додека се отвораат кината, театрите, галериите, библиотеките и фризерските салони, но под нови услови – по 9 квадратни мерки по човек, како и фитнес-клубовите, бањите и спортските сали каде што мора да има по 16 квадратни метри по лице.
„Ова значи дека ако продавница или, на пример, фризерски салон има 90 квадратни метри, максимум десет лица можат да останат во тој објект истовремено.… Не повеќе од десет лица можат да останат внатре во 160 квадратни метри фитнес-центар“,
се вели во соопштението на српската влада.
Угостителските објекти ќе можат да продаваат храна и пијалаци со испорака 24 часа на ден или шалтерски, додека хотелските ресторани и кафулиња можат да работат до 21 часот, и тоа само гости со регистриран престој.
Главниот епидемиолог Предраг Кон за РТС утрово изјави дека медицинскиот дел од Кризниот штаб не се согласува со ваквите мерки, односно смета дека на земјата ѝ е потребно целосно затворање од две недели за мерките да имаат ефекти.
Тој рече дека до Штабот за неколку дена од затворањето пристигнале стотина жалби и барања за олабавување на мерките поради лошата економска ситуација и поради тоа се направени овие олабавувања.
Причината за порастот на бројот на заразени и покрај масовната вакцинација, Кон рече дека е резултат на олабавувањето на луѓето бидејќи со приемот на вакцинацијата тие почувствувале некакво ослободување и почнале да се собираат. Затоа според него е потребно затворање што ќе трае подолго.