Според координаторот на ПГ на опозициската коалиција, Владата покажала дека нема доверба во своето мнозинство и дека бега од дебата
Владата вчера покажала две работи со барањето да ѝ се гласа доверба во парламентот, според координаторот на пратеничката група на опозициската коалиција Алијанса за Албанците/Алтернатива, Скендер Реџепи: Прво, дека нема доверба во своето мнозинство, а потоа и дека се плаши од она што би го изнела опозицијата во дебатата.
„Од таа причина ние констатираме дека вчера Владата насилно ги донесе сите пратеници. Жално е што и пратеници кои имале доста тешка домашна ситуација ги донеле во Собрание, што нема ни логика ни човечки елементарни вредности. Од друга страна, го искористија членот од Деловникот за да го злоупотребат правото на опозицијата да си го даде своето мислење за недостатоците на Владата во овие шест месеци“,
рече Реџепи алудирајќи на членот 217 од Деловникот, според кој, ако прашањето за доверба го постави премиерот, се гласа на истата седница и без претходна расправа.
Како што рече Реџепи, самиот факт дека вчера мнозинството заврши седум седници е доволен доказ дека тие сосила ги донеле пратеници, а од денеска пак ќе почнат да се препукуваат.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, пак, го смета потегот на Заев за „византиска игра и сплеткарење“, односно за „шверцерски чин“, што ќе му се врати како бумеранг. Според партискиот лидер Христијан Мицкоски, следното прашање за доверба на Владата ќе го постави опозицијата, кога ќе собере 65 пратеници.