Авионот за кој се претпоставува дека го превезувал водачот на вагнеровците, според САД, најверојатно бил соборен со ракета земја-воздух која потекнува од внатрешноста на Русија. Ова за британската новинска агенција Ројтерс денеска го изјавиле двајца американски преставници, кои сакале да останат анонимни со оглед на чувствителноста на случајот
Европската Унија смета дека е тешко да се потврдат извештаите врз основа на кои се верува дека шефот на руската приватна платеничка група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, загина во авионска несреќа.
Ова денеска го изјави портпаролот на ЕУ, Петер Стано, оценувајќи дека сè што доаѓа од Русија е „тешко веродостојно“ и дека не е на Европската Унија да ги потврди наводите за смртта на Пригожин.
„Видовме извештај за авионската несреќа во која наводно загинал шефот на ‘Вагнер’, Евгениј Пригожин, заедно со членовите на неговата придружба и екипажот. Но, повторно, како и многу други работи во Русија, ова е многу тешко да се провери, a со тоа и да се коментира од наша страна“,
изјави портпаролот на ЕУ на прес-конференција.
Портпаролот на Брисел подвлече дека не е на Европската Унија да шпекулира дали наводната смрт на Пригожин ќе има конкретни последици за активностите на „Вагнер“.

Се верува дека Евгениј Пригожин, шефот на платеничката група „Вагнер“, кој стана клучна фигура во руската војна против Украина пред да започне бунт што го вознемири Кремљ, загина во авионска несреќа северно од Москва.
Авионот за кој се претпоставува дека го превезувал водачот на платениците, според Соединетите Американски Држави, најверојатно бил соборен со ракета земја-воздух која потекнува од внатрешноста на Русија. Ова за британската новинска агенција Ројтерс денеска го изјавиле двајца американски преставници, кои сакале да останат анонимни со оглед на чувствителноста на случајот.
Сепак, тие нагласиле дека ваквите наводи се сè уште прелиминарни и се разгледуваат.