Бајден додава дека во Русија не се случуваат многу работи без зад нив да стои Путин, „но јас не знам доволно за да го знам одговорот“
Американскиот претседател Џо Бајден сугерира дека рускиот претседател Владимир Путин можеби стои зад падот на авионот во близина на Москва, пренесува Си-ен-ен. На списокот на патници на авионот беше шефот на групата „Вагнер“ Евгениј Пригожин.
Бајден вели дека не би бил изненаден ако рускиот платеник Пригожин бил цел на напад.
Алудирајќи на коментарите, што ги даде во јули, во кои рече дека Пригожин треба да биде загрижен за неговата безбедност по неуспешниот пуч, Бајден денеска за Си-ен-ен рече „можеби се сеќавате, ме прашаа за ова“.
„Реков дека на негово место би внимавал со што се возам. Не знам точно што се случи, но не сум изненаден“,
рече Бајден денеска.
На прес-конференција во Хелсинки, Финска, во јули, Бајден се пошегува дека ако тој беше Пригожин, „ќе внимавав што јадам, ќе внимавав на своето мени“.
Бајден додаде дека во Русија не се случуваат многу работи без зад нив да стои Путин, „но јас не знам доволно за да го знам одговорот“.
Бајден изјавата ја дал излегувајќи од фитнес студио во Лејк Тахо, Невада, каде што од Белата куќа велат дека присуствувал на час по пилатес проследен со час по спин.
Пред изјавата на Бајден, од Белата куќа соопштија дека претседателот е информиран во врска со авионската несреќа во Русија.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа рече дека „никој не треба да биде изненаден“ ако се потврдат извештаите дека основачот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, бил во урнатиот авион.
„Ги видовме извештаите. Ако се потврди, никој не треба да биде изненаден. Катастрофалната војна во Украина доведе до марширање на приватна војска кон Москва, а сега – се чини – до ова“,
се вели во соопштението од портпаролот на Советот, Адриен Вотсон.