Специјалниот претставник на германското МНР за Југоисточна Европа, Кристијан Хелбах, смета дека прашањето за кое граѓаните ќе се изјаснат на референдумот на 30 септември, не е манипулативно. Во интервју за емисијата „360 Степени“ на ТВ Алсат-М, коментирајќи го односот на ВМРО-ДПМНЕ кон оваа тема, Хелбах вели:
-Се води дебата за тоа дали прашањето е манипулативно или не зашто ги поврзува интеграцијата во ЕУ и НАТО со прашањето за името. За жал, не е манипулативно. Таков е животот, овие работи се поврзани и оние што тврдат дека може да речете „не“ и да продолжите да се претворате дека се движите кон ЕУ и НАТО, за жал, грешат, зашто ако Договорот од Преспа не успее, тогаш ќе бидеме заедно – велам ние зашто имаме интерес за тоа што овде се случува, пак ќе бидеме на почеток во ситуација во која евроатлантските интеграции на вашата земја ќе бидат блокирани поради прашањето за името.
Хелбах рече дека претстојната посета на канцеларката Ангела Меркел, но и на министрите за одбрана и за надворешни работи на СР Германија што ќе следуваат, се „почит за владата и за оние што го поддржаа заклучувањето на Договорот од Преспа“. Според него, ова е редок момент на добра дипломатија, каков што не се гледа често во светот и во регионот.
ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ ВО ПРОДОЛЖЕНИЕ:
Г-дине Хелбах, претстојната посета на канцеларката Меркел на Скопје е симболичен знак на поддршка на договорот за името и за референдумот. Има ли простор, или потреба од поопиплива награда од ЕУ за тешкиот избор што треба да го направат граѓаните на Македонија?
Прво, да. Очигледно, посетата на канцеларката е во функција на поддршка на решавање на прашањето за името и можеби знаете дека по нејзината посета неколку високи германски функционери ќе дојдат во Македонија – министерот за одбрана, министерот за надворешни работи Маас, тие доаѓаат во текот на септември за јасно да кажат колку за нас е важно решението за прашањето за името. Тие, исто така, ќе оддадат почит за владата и за оние што го поддржаа заклучувањето на Договорот од Преспа зашто веруваме дека ова е редок момент на добра дипломатија – вакви позитивни моменти не гледаме често и во светот и во регионот. Значи, не барајте награди секогаш кога правите нешто што е добро за вашата земја. Ова ги отвора вратите за евроатлантска интеграција и мислам дека наградата за граѓаните на оваа земја е дека конечно има вистинска перспектива. А зошто не не’ прашате нас? Мило ни е што ве гледаме дека се движите зашто е во наш интерес да напредувате, да и се приближите на ЕУ, да се зачлените во НАТО. Тоа е наш интерес, безбедносен интерес, економски интерес. Вие сте дел од Европа, вашите граѓани се дел од Европа, вие сте Европејци, а вашата економија е блиску поврзана со европската економија. Исто така, имаме безбедносен интерес за вашата земја да се приближи и конечено да стане членка на ЕУ. Кога зборуваме, дебатиравме во парламентот за старт на преговори со вашата земја и со Албанија, секогаш го имав чувството дека веднаш ќе кажеа „да“ за вашата земја, само ако можеа. Со Албанија беше потешко поради работи поврзани со борбата против организираниот криминал, дрога итн. Во однос на двете земји можам да кажам дека гледаме оти се придвижуваат во делот на внатрешни реформи, дека се движат во вистинската насока и тоа е многу задоволувачи и исполнувачки. Оттука, многу сум уверен дека во јуни догодина ќе напредуваме.
Можен ли е успешен референдум без учество на ВМРО-ДПМНЕ?
Не знам. Не ја знам математиката, но знам дека сите граѓани и сите политички чинители треба сериозно да размислат што ќе преземат и дали ќе гласаат или не. Се води дебата за тоа дали прашањето е манипулативно или не, зашто ги поврзува интеграцијата во ЕУ и НАТО со прашањето за името. За жал, не е манипулативно. Таков е животот, овие работи се поврзани и оние што тврдат дека може да речете „не“ и да продолжите да се преправате дека се движите кон ЕУ и НАТО, за жал, грешат, зашто ако Договорот од Преспа не успее, тогаш ќе бидеме заедно – велам ние, зашто имаме интерес за тоа што се случува овде, пак ќе бидеме на почеток во ситуација во која евроатлантските интеграции на вашата земја ќе бидат блокирани поради прашањето за името.
Настрана прашањето за името, која е вашата проценка за постигнувањата на владата, особено во делот на владеењето на правото и борбата против корупција по наводите за злоупотреба на функцијата и државните фондови од некои владини претставници?
Видете, ако подоборо ја погледнете стратегијата на ЕК за проширување, тогаш ќе видите дека во сите земји од Западен Балкан имаме проблеми со организиран криминал, со заробување на државите, со корупцијата. Ова не е нешто ново и веруваме дека од неодамна земјата се движи во вистинската насока, но ова е долг пат, нема да се реши на кратки патеки и секогаш ќе инсистираме на искрени и суштински реформи, особено во делот на владеење на правото и доброто владеење, зашто крајната цел на европската интеграција е токму ова – трансформација. Ова не го правиме само затоа што вашата земја е среде Европа и зашто нашите економии се тесно поврзани. Го правиме зашто веруваме дека она што го бараме е стабилност. Веруваме дека ќе нема одржлива стабилност во регионот без демократија и добро владеење и затоа ќе инсистираме на овие прашања.
Напишете коментар