Двете екипи кои синоќа пристигнале од Белград и Нови Сад ги сочинуваат 18 пожарникари и спасувачи со пет теренски возила и едно куче за спасување, кои почнале со детално пребарување на просторот околу куќата
Две специјализирани екипи за спасување од урнатини на Одделението за вонредни состојби на српското министерство за внатрешни работи синоќа пристигнале во Бањско Поле во околината на Бор, а од рано утринава почнале со пребарување на просторот околу куќата пред која исчезна двегодишната Данка Илиќ, јавува РТС.

Потрагата по девојчето, на кое од вторникот попладне му се губи секаков траг, влегува во четвртиот ден.
Двете екипи кои синоќа пристигнале од Белград и Нови Сад ги сочинуваат 18 пожарникари и спасувачи со пет теренски возила и едно куче за спасување, кои почнале со детално пребарување на просторот околу куќата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи, пренесува спрскиот национален сервис, во континуитет ги преземаат сите мерки и дејствија за пронаоѓање на Данка и утврдување на сите факти и околности за нејзиното исчезнување.
Во текот на вчерашниот ден со багер беше расчистено земјиштето околу куќата во Бањско Поле, од каде на девојчето му се губи секаков траг. Набргу потоа пристигнала и полицијата која го пребарува просторот околу расчистените стебла. Засега нема официјални информации за деталите од истрагата.
Целта на ваквите активности, како што јавува РТС, е да се провери дали има докази и траги под гранките кои би помогнале во потргата по девојчето.
Исчезнувањето на двегодишната Данка Илиќ во тоникот го пријави нејзината и оттогаш трае потргата во која се вклучени стотици припадници на полицијата, жандармеријата, горската спасувачка служба и ловџии.
Беа распоредени и беспилотни летала со термални камери, а хеликоптерска единица во повеќе наврати го прелета теренот во околината на Бор.
Иако полицијата во средата соопшти дека потрагата на терен се прекинува, бидејќи сè укажува дека девојчето не е во областа од која исчезна, полициските сили и спасувачките екипи се сè уште на терен. Воедно, како што е најавено, во тек е интензивна оперативна активност.

Во Бањско поле синоќа беше и министерот за внатрешни работи на Србија, Братислав Гашиќ.
Вчера три лица од околината на градот Хаџиќи во кантонот Сараево беа уапсени бидејќи на социјалните мрежи тврделе дека имаат информации за исчезнувањето на двегодишното девојче и за да ги споделат барале 50 илјади конвертибилни марки што е околу 25 илјади евра.
Инспекторите од Одделот за компјутерски криминал на Федералната полициска управа лицата ги лоцирале преку ИП адреси. Веднаш по аспењето, трите лица кои се членови на исто семејство, изјавиле дека „само се шегувале“.
Исчезнувањето на двегодишното девојче по првпат го активира системот „Најди ме“ во Србија, кој е наменет за итно известување на јавноста во случај на исчезнување на малолетно лице.
Данка Илиќ (2) има кафеава коса, кафеави очи и е висока околу 85 сантиметри. На денот на исчезнувањето носела виолетови панталони и јакна во маслинесто зелена боја.
