Министерот порача дека МВР во случајот само ги прибира сите документи, а Владата е таа што одлучила откако ги добила позитивните оценки од четирите релевантни институции во државата

За украинскиот политичар Олександр Онишченко, кој е под санкции на САД, да добие македонско државјанство, четири институции дале позитивно мислење, а одлуката ја донела Владата, откри денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Набројувајќи примери, од четири институции тој спомена три: Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Македонскиот олимписки комитет и Агенцијата за млади и спорт.
„Станува збор за добивање државјанство по член 11. Не е државјанство кое го доделува МВР туку Владата. МВР ги прибира сите документи, станува збор за предмет кој добил позитивни оценки од четири релевантни институции во државата. На крајот на Влада се носи одлука и Владата има дискрециско право да даде на којшто било аплицира во овој дел … Сите проверки од сите четири институции се позитивни. АНБ, Макеоднски олимписки комитет, Агенција за млади и спорт. Тоа е за во конкретниот случај. За други случаи има други органи што даваат мислење, на пример, ако е за економија, даваат министерствата за економија, за финансии итн.“,
рече Спасовски.
Во конкретниот случај за Онишченко министерот рече дека нема распишано меѓународна потерница од друга држава.
Членот 11 кој го споменува Спасовски, предвидува дека странец може да се стекне со државјанство ако тоа претставува особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес.

За Онишченко, како што вчера објави „Призма“, причината била спортски национален интерес. Тој дури и ја претставуваше Северна Македонија на меѓународна сцена. Имено, пет месеци откако во мај годинава го добил македонското државјанство, настапил под македонското знаме на натпревар во коњски скокови, во Сен Тропе. И „Призма“ во своето истражување повикувајќи се на владин извор наведе дека имало четири позитивни мислења за Онишченко да добие пасош, а четвртата била Федерацијата за коњички спортови.
Онишченко, пред македонското имал и украинско и руско државјанство, а од лани се наоѓа на листата на санкционирани личности од САД поради тоа што, како што е наведено во одлуката, е „член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори“.