Единаесет лица управувале возило без да имаат возачка дозвола, четири биле под дејство на алкохол, а еден возач бил во алколозирана состојба и покрај тоа што веќе имал активна забрана за седење зад воланот

Изминатото деноноќие полициски службеници привеле 16 возачи поради безобѕирно управување со моторно возило, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Единаесет лица управувале возило без да имаат возачка дозвола, четири биле под дејство на алкохол, а еден возач бил во алколозирана состојба и покрај тоа што веќе имал активна забрана за седење зад воланот.
Возачите што управувале возило без дозвола биле затекнати во Скопје, Куманово, Гостивар, Кривогаштани и Кочани.
Во Виница и Кочани биле фатени возачи што управувале мопеди иако не поседувале соодветна возачка дозвола.
Полициските контроли откриле и алкохолизирани возачи, а некои од нив предизвикале и сообраќајни незгоди
Според податоците од МВР, „рекордер“ е жител на Прилеп кај кого се измерени 2,45 промили алкохол во крвта. При проверката било утврдено дека тој воопшто не смеел да вози бидејќи имал активна забрана за управување со возило.
Возач на мотоцикл во Кавадарци бил затекнат со 2,03 промили алкохол во крвта, а во Општина Дебарца возач со измерени 1,99 промили предизвикал сообраќајна незгода удирајќи во бетонска жардињера.
Во Кочани, возач на мопед бил исклучен од сообраќајот со измерени 1,88 промили алкохол, а и во Македонска Каменица под дејство на алкохол бил затекнат уште еден возач.
Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека по целосното документирање на сите случаи, против возачите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит, доколку имаат изречена мерка забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол, и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“,
велат од МВР.
