-Како што се преземаат мерки во Република Северна Македонија за организација на било кој настан, ќе треба да се обезбеди и тој настан којшто се реализира во Бугарија, смета министерот Спасовски
Во пресрет на утрешното отворање на македонски културен клуб во Благоевград, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски прогнозира дека настанот ќе помине мирно.
Со оглед на тоа што за утре се најавени и протести во Благоевград, министерот за ТВ Сител посочи дека безбедносните служби се тие кои треба да го сочуваат мирот и стабилноста.
„Генерално имаме одлична соработка со сите безбедносни служби, министерства од регионот и тоа е наша задача – да се сочува пред сѐ националната безбедност и сигурност на граѓаните и државата, меѓутоа да ја зачуваме и сите заеднички нашата регионална безбедност. Така да постојат информации, податоци, се разменуваат, се прават проценки на ризик во секој од овие делови и апсолутно мислам дека како што се преземаат мерки во Република Северна Македонија за организација на било кој настан, ќе треба да се обезбеди и тој настан којшто се реализира во Бугарија“,
рече Спасовски во гостување на ТВ Сител.
Претходно денеска, премиерот Димитар Ковачевски кажа дека на бугарските институции е да проценат на кој начин е регистриран македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, исто како што формирањето на бугарските клубови во земјава е на оценка од нашите институции.
„Во Благоевград утре се отвора македонски клуб финансиран од приватни лица и кажав дека оние кои се заинтересирани можат да одат“,
вели Ковачевски, кој претходно најави дека нема да присуствува на утрешното отворање на клубот во Благоевград.
Премиерот уште еднаш повтори дека преку Министерството за култура и Владата ќе се достави официјално барање до Бугарија со цел отворање на официјален македонски културен центар во Благоевград преку кој, како што рече, ќе може да се негуваат македонската култура и литература и граѓаните кои се самоопределуваат како Македонци да дојдат во контакт со неа.