Владата подготвува стратегија како животот и процесите да почнат да се враќаат во нормала по првомајските празници. Тоа го најави премиерот Оливер Спасовски во кус статус на Фејсбук, посочувајќи дека тој процес ќе оди постепено.
„Подготвуваме сериозен план, по првомајските празници да почне процес на враќање на нормала. Тоа нема да биде бргу ниту веднаш“,
напиша Спасовски.

Премиерот, на онлајн-прес видеосесијата за ковид-19 „Ретроспектива: коронавирус МК“, информираше дека се прави сериозен план за тоа како и на кој начин по 1 Мај да се почне со олеснување на некои од мерките, а кои ќе бидат во функција на враќање на животот во нормала
Иако вонредната состојба во земјава ќе трае до средината на мај, Владата се приклучува кон политиките на повеќе европски земји за постепено олеснување на рестрикциите.
Од СЗО, во меѓувреме, предупредуваат дека владите треба да бидат претпазливи, затоа што ублажувањето на мерките не значи крај на епидемијата со коронавирусот.