Во Словенија од денеска, по повеќе од еден месец, повторно се отворени повеќе продавници, салони и сервиси, јави МИА од Љубљана.
Словенците уште утрово, почитувајќи ги сите мерки, со заштитни маски и држејќи соодветна оддалеченост, ги наполнија салоните за мебел и продавниците за градежен материјал.
Според планот на властите, оваа недела се отвораат и продавниците за градинарски работи, станиците за технички преглед, сервисите за автомобили и велосипеди, сервисите за хемиско чистење и малите работилници.
Од денеска повторно се отворени и терените за тенис и голф, а сообраќаат и автобуските линии за организиран транспорт на работници.
Набрзо ќе бидат отворени и фризерските и козметичките салони.
Ваквото олабавување на мерките доаѓа откако податоците на Националниот институт за јавно здравје на Словенија покажуваат сè помал број лица заразени со новиот коронавирус.
Во земјата од денеска почнува масовно тестирање на граѓаните со цел здравствените власти да имаат реална слика за раширеноста на новиот коронавирус.
Предвидено е во наредните денови да се тестираат вкупно 3 000 граѓани по случаен избор, односно по десет од сите 300 општини во земјата.
*Поврзани вести:
Словенија: Се разгледува уставноста на мерката за ограничување на движењето, суспендиран еден член