Советниците од владејачката коалиција ги отфрлија предлозите што ги достави советничката Драгана Велковска, додека советниците од ВМРО-ДПМНЕ беа воздржани
Субвенционирани стерилизации и кастрации на миленици со сопственици и маалски миленици, пристапна инфраструктура за лицата што се движат на тркала и пренамена на комплексот фабрики „Купрум“ во студентски град се првите три најгласани предлози за кои скопјани сметаат дека се меѓу најитните прашања за кои Градот треба да најде решение
Советот на Град Скопје вчера не прифати на дневен ред на 72-та седница да се најдат трите предлози кои жителите на главниот град ги побараа преку гласање на платформата „Мој град“.
Советниците од владејачката коалиција ги отфрлија предлозите што ги достави советничката Драгана Велковска, додека советниците од ВМРО-ДПМНЕ беа воздржани.
Субвенционирани стерилизации и кастрации на миленици со сопственици и маалски миленици, пристапна инфраструктура за лицата што се движат на тркала и пренамена на комплексот фабрики „Купрум“ во студентски град се првите три најгласани предлози за кои скопјани сметаат дека се меѓу најитните прашања за кои Градот треба да најде решение.
Образложението е дека на тие предлози „веќе се работи”, иако не се на повидок субвенции за стерилизација на милениците, ниту се подобрува пристапот на улиците за хендикепираните лица, а напуштената фабрика „Купрум“ продолжува да пропаѓа, иако со години постои проект за нејзина трансформација во прв студентски град.
Од коалицијата „Зелен хуман град“, во која учествуваат дванаесет локални граѓански здруженија и која стои зад платформата „Мој град“ велат дека трите одбиени предлози остануваат на нивната агенда и ќе продолжат да работат на нивна реализација преку други канали.
„Меѓутоа, со денешната демонстрација на моќ, уште еднаш беше потврден недостигот од демократски капацитет на партиско-политичката класа како главна причина за урбаната декаденција на Скопје низ годините. Повеќе од илјада гласа за само десет дена на ‘Мој град’ укажуваат дека скопјани очајно имаат потреба за поинакви градски политики, но градските власти сметаат дека знаат повеќе од обичните граѓани што е добро за нив. Наместо да го спроведат тоа за што заедницата се изјаснила дека и е потребно, тие како и секогаш наоѓаат бирократски изговори за нивната пасивност. Вчерашната одлука на Советот е пораз за демократијата. Кога властите го игнорираат народот, единствениот начин да се допре до нив е поголема масовност во гласањето на предлозите и поквалитетна дебата за изнаоѓање на најдобрите решенија. Платформата ‘Мој град’ е создадена токму за оваа цел“,
велат од „Зелен хуман град“ во денешната реакција.