Платформата „Мој град“ е алатка на проектот „Зелен хуман град“ во кој учествуваат дванаесет локални граѓански здруженија, чија цел е да прерасне во масовен виртуелен форум и сервис за решенија на локалните урбани и еколошки проблеми
Субвенционирани стерилизации и кастрации на миленици со сопственици и маалски миленици, пристапна инфраструктура за лицата што се движат на тркала и пренамена на комплексот фабрики „Купрум“ во студентски град се првите три најгласани предлози за кои скопјани сметаат дека се меѓу најитните прашања за кои Градот треба да најде решение.

Да се слушне гласот на жителите на Скопје им овозможи платформата „Мој град„ алатка на проектот „Зелен хуман град“, во кој учествуваат дванаесет локални граѓански здруженија, чија цел е во следните месеци оваа алатка да прерасне во масовен виртуелен форум и сервис за решенија на локалните урбани и еколошки проблеми.
Овие три проекти, според оригиналната замисла на платформата, сега влегуваат во институционалните процедури, односно преку советничката Драгана Велковска ќе бидат ставени на дневен ред на утрешната седница на Советот на Град Скопје.
Таа заедно со авторот на платформата Горјан Јовановски, двајцата претставници на граѓанската коалиција „Зелен хуман град“, под чија капа функционира „Мој град“, очекуваат градските власти да покажат слух за потребите на скопјани и да ги одобрат трите предлози за подобрување на урбаното живеење во градот.
Што најмногу сакаат скопјани?
Најмногу поддршка доби предлогот на Снежана Дичевска за субвенции за стерилизација и кастрација на миленици со сопственици и/или маалски миленици, за кој гласаа 579 граѓани.
Вкупно 168 гласа доби второпласираниот предлог на Ирена Жерновска за пристапни улици и тротоари за лицата со хендикеп, а водечката тројка ја заокружи предлогот на Кристијан Караџовски за трансформација на руинираниот индустриски комплекс „Купрум“ во студентски град.
Овој проект доби 128 гласа, со што на последниот ден од гласањето за само еден глас го надмина предлогот за отстранување на хаварисаните возила во Скопје.
За само десет дена од лансирањето, на платформата „Мој град“ ѝ пристапија над 4 000 посетители и има повеќе од илјада регистрирани корисници, кои поднесоа вкупно 28 предлози и дадоа повеќе од 1 500 гласа.
Целта на „Мој град“ е да промовира поинаков начин на одлучување за градските политики, преку враќање на моќта директно во рацете на жителите на Скопје, наместо кај партиските функционери.