Советниците од сите политички партии кои беа на денешната седница рекоа дека ќе дадат поддршка за овие предлог-одлуки, но повеќето од нив побараа дополнителни објаснувања од градоначалничката
Советниците во Град Скопје, на денешната втора вонредна седница, едногласно со 39 гласа ја изгласаа предлог-одлуката за измена на распоредот на средствата во буџетот на град Скопје за 2022 година и предлог-одлуката за измена на одлуката за давање на субвенции на ЈСП „Скопје“ за 2022 година, со што на вработените во претпријатието ќе им се исплати заостанатата септемвриска плата чие доцнење доведе до прекин на јавниот превоз во главниот град.

Градоначалничката Данела Арсовска пред советниците рече дека службите во Град Скопје уште доцна синоќа ги изготвиле неопходните документи и одлуките што се потребни и согласно истите побаравме седницата да се закаже денеска за да може да се разреши предизвикот со кој се соочивме денес.
„Мора да потенцирам дека ова првпат се случува во поновата историја на Македонија за 5 дена доцнење на плата некој да излезе на генерален штрајк и да се обиде да го попречи работењето на дејност која е од јавен интерес. ЈСП е загубар повеќе од деценија. Тоа работи и функционира на начинот на кој функционира. Дел од раководството се обидува да изнајде решение за овие проблеми и да се генерираат соодветни приходи, но оние што се во Управниот одбор и кои се од ВМРО-ДПМНЕ некако не сакаат да си ја преземат својата одговорност“,
рече Арсовска.
Таа побара од советниците сите заедно и здружено да се потрудат сите милионски долгови кои му се должат на ова јавно претпријатие да се подмират за претпријатието да не биде на раб на ликвидност.
Советниците од сите политички партии кои беа на денешната седница рекоа дека ќе дадат поддршка за овие предлог-одлуки, но повеќето од нив побараа дополнителни објаснувања од градоначалничката.
Малиша Станковиќ рече дека како советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ ќе го поддржат овој предлог, но побара Град Скопје да изнајде трајно решение за ова јавно претпријатие.
Гордан Шутаров од СДСМ, исто така, рече дека како советничка група ќе ги прифатат овие предлози, но праша каква е фактичката состојба на буџетот на ЈСП во однос на приходите и дали со оваа пренамена нема да се наруши балансот односно континуитетот на извршувањето на задачите на администрацијата, секторските служби и останатите јавни претпријатија.
„Од материјалите може да се забележи дека најголем дел од овие 133 милиони денари кои ги обезбедуваме како дополнително финансирање на ЈСП за потешкотии во работата се обезбедуваат голем дел од ставките изградба и реконструкции на улици и патишта и дали дел почнати проекти ќе запрат,а други воопшто нема да се реализираат“,
праша Шутаров.
Тој, исто така, праша дали од овие 133 милиони денари, колку што средства се предвидени за плати, се за до крајот на годината и дали во овие средства влегува и долгот кон приватните превозници бидејќи и тие излегоа со определени барања.
На ова Арсовска одговори дека ако вчера се прифатеше да има седница на која ќе се гласа ребалансот на буџетот, денеска ќе имало поинаква можност.
„Овие средства ќе бидат пресметани и ќе бидат одземени од ставки каде има изгенерирани заштеди. Сега од одредени ставки се намалуваат 20 отсто. Тоа е она што законот го дозволува во овој случај и кон тоа пристапивме за да излеземе во пресрет на ЈСП и да се исплати плата“,
рече Арсовска.
Освен поддршка од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Предлог-одлуката доби поддршка и од советничката група на Левица. Катерина Јовановска рече дека оваа одлука е само фластер на рана затоа што со неа не се решава проблемот системски во претпријатието.
Според неа состојбата во ЈСП е ваква затоа што изминатите 30 години сите партии на власт претпријатието го користеле за партиски вработувања и за користење на работниците само како гласачка машина.
„Бараме сите оние што му должат на ЈСП да си го подмират долгот“,
рече Јовановска.
Вчера по четиричасовната седница советниците ја задолжија градоначалничката и службите да да достават одлука за прераспределба на средства за ЈСП за да се овозможи непречено функционирање на претпријатието. Пред изгласувањето имаше жестока дебата во која советниците се караа кој е виновен за состојбата во претпријатието.