„Трансферот на пари е направен. Платата ќе биде поделена утре. Автобусите почнуваат да собраќаат“, потврди за МИА претседателот на Синдикатот при ЈСП, Миќо Стојановски
И Град Скопје преку писмено соопштение информира дека платите за вработените во претпријатието се обезбедени и дека ЈСП продолжува со нормално функционирање
Автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) „Скопје“ наскоро повторно ќе почнат да сообраќаат низ главниот град. Ова во изјава за МИА го потврдил претседателот на Синдикатот при ЈСП, Миќо Стојановски, кој информира дека е постигнат договорот за платите на вработените во претпријатието.
„Трансферот на пари е направен. Платата ќе биде поделена утре. Автобусите почнуваат да собраќаат“,
изјави Стојановски за МИА.
Информацијата за трансферот на пари што Градот Скопје одлучи да ги пренамени за исплата на платите на вработените во ЈСП „Скопје“ ја добиле од градоначалничката Данела Арсовска, со која имале средба пред половина час.
И Град Скопје преку писмено соопштение информира дека платите за вработените во претпријатието се обезбедени и дека ЈСП продолжува со нормално функционирање.
„ЈСП продолжува со нормалното функционирање откако Градот Скопје изнајде решение за вештачки предизвиканата криза во претпријатието. Платите за ЈСП се обезбедени“,
се наведува во соопштението од Град Скопје.
Оттаму, сепак, посочија дека остануваат на барањето Владата и општините во најкус можен рок да ги исплатат наталожените долгови кон ЈСП. Го повикаа и менаџментот на претпријатието да си поднесе неотповиклива оставка поради, како што велат, несоодветно менаџирање со претпријатието, поттикнување и предизвикување на хаос.
Протестот на вработените во ЈСП кои сè уште немаат земено плати за септември започна утринава во 4:30 часот кога наместо на улица, градските автобуси останаа во гаражите. Поради тоа, голема група граѓани денеска останаа без превоз и беа оставени сами да се снаоѓаат за да стигнат до своите работни места и до школите.