Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија упати насоки и стручни препораки за лицата со хронични белодробни заболувања, кои спаѓаат во групата болни со висок ризик за развивање потешка клиничка слика на ковид-19 и имаат зголемен ризик од несакани последици. На болните со хронични белодробни болести им се препорачува да ги почитуваат препораките за самоизолација, да внимаваат на личната хигиена и да имаат свој прибор за лична хигиена, крпи, садови.
„Болните да не прекинуваат со употреба на веќе препишаната редовна терапија за контрола на нивната болест. За таа цел, овозможено е матичните лекари да ја препишат терапијата врз основа на претходно издадени извештаи од специјалист/супспецијалист за да се спречи беспотребно движење на болните во здравствените установи. Во редовната исхрана да се воведат состојки кои содржат антиоксиданси, бета-каротен и витамин Ц (шумско овошје, моркови, агруми), редовно спиење и одмор, како и физички вежби во рамките на можноста (зависно од степенот на ограниченост поради основната болест)“,
советуваат од Клиниката за пулмологија и алергологија.
Оттаму им укажуваат на пациентите дека при влошена состојба, по проценка на матичниот лекар, ќе се препраќаат до службите за секундарна здравствена заштита.
„Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија останува на располагање на сите болни за кои матичниот доктор, секундарната здравствена заштита или итната служба ќе проценат дека имаат потреба од терцијална здравствена заштита. При секој контакт со медицинско лице во домашни услови или при посета на здравствените установи (преглед од доктор, земање лабораториски и микробиолошки примероци, контакт со домашна посета, итна медицинска помош и слично), болниот задолжително да носи маска, која ги покрива носот и устата, марамчиња за една употреба и средство за дезинфекција на рацете. Доколку болниот има честа и продуктивна кашлица, се препорачува носење заштитна маска и при контакт со членовите на фамилијата, односно лицата со кои живее или е во иста просторија и во непосреден контакт“,
појаснуваат од клиниката.
*поврзана вест: (ВИДЕО) Дишат како низ срчи – снимки од бели дробови на македонски пациенти со ковид-19